Во своето прво големо јавно појавување по напуштањето на Белата куќа во јануари, поранешниот американски претседател Џо Бајден остро ја критикуваше политиката на неговиот наследник Доналд Трамп, особено за прашањето за социјалното осигурување.
„Тие го уништуваат социјалното осигурување“
Зборувајќи во Чикаго пред група застапници за правата на попреченоста, 82-годишниот демократ рече дека Трамп „зел секира“ на системот на социјална помош.
„За помалку од 100 дена, оваа нова администрација предизвика толку голема штета и уништување. Тоа е зачудувачки“, рече Бајден. „Тие директно ја погодија Управата за социјално осигурување“.
Бајден нагласи дека социјалното осигурување е повеќе од владина програма: „Тоа е свет завет што го дадовме како нација. Знаеме колку социјалното осигурување значи за луѓето“.
Тој додаде дека администрацијата на Трамп „прво пука, а потоа цели“, тврдејќи: „Тие сакаат да го уништат за да можат да го ограбат. И зошто? Да обезбедат даночни олеснувања за милијардерите и големите корпорации“.
Иако директно не го спомна Трамп по име, тој го нарече „тој човек“.
Во САД, околу 73 милиони стари и хендикепирани лица добиваат околу 1,15 милијарди евра годишно преку социјалните бенефиции. Постои загриженост дека политиката на штедење на Трамп, во комбинација со влијанието на неговиот советник Илон Маск, може да ги ослабне основните владини институции – вклучително и социјалното осигурување.
Белата куќа и републиканците реагираа
Тимот на Трамп ги негираше обвинувањата. Портпаролката Каролина Ливит изјави:
„Претседателот Трамп е целосно посветен на заштита на придобивките од социјалното осигурување за чесните, вредни даночни обврзници и постари лица. Тој секогаш ќе ја штити оваа програма“.
Трамп на социјалните мрежи објави видео од еден од збунувачките анегдотски моменти на Бајден од говорот, без дополнителни коментари, пренесува ДВ.
Поделби меѓу демократите
Враќањето на Бајден ја подели и неговата сопствена партија. Демократскиот стратег Карен Фини предупреди дека поранешниот претседател може да го одвлече вниманието од контроверзите на Трамп, особено пред претстојните конгресни избори следната година:
„Конечно почнуваме да ги гледаме пукнатините во политиката на Трамп. Не ни треба личност која ќе го одвлече вниманието и ќе му дозволи на Трамп да ја промени темата“.
Од друга страна, лидерот на демократите во Претставничкиот дом Хаким Џефрис го поддржа појавувањето на Бајден:
„Ова е момент за единство. Затоа е важно претседателот Бајден да го крене својот глас“.