Европската комисија планира да ги назначи Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Косово, Мароко и Тунис како „безбедни трети земји на потекло“, што ќе им овозможи на земјите-членки на ЕУ да вратат одредени баратели на азил кај нив, се вели во документот што го виде бриселскиот портал „Еурактив“. Предлогот ќе биде вметнат како измена на Регулативата за процедури за азил, која е дел од Пактот за миграција на ЕУ усвоен во 2023 година.
Агенцијата Белга наведува дека се очекува ова да се спроведе од 2026 година.
Се вели дека ова најверојатно ќе се совпадне со прегледот на правната рамка на ЕУ за безбедни трети земји, механизам кој им овозможува на барателите на азил да бидат префрлени во земји за кои се смета дека се способни да им обезбедат заштита, наместо да останат во земјата каде што поднеле барање.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во март предложи правила за враќање на мигрантите и тие сега се дискутираат во Советот и во Европскиот парламент.
Конечната листа на безбедни трети земји се очекува пред јуни.