Судијка во Федералниот суд во Бостон ја блокираше одлуката на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, да го одземе правниот статус на 532.000 имигранти од Куба, Хаити, Венецуела и Никарагва, објави Њујорк тајмс.
Одлуката на судијката Индира Талвани е најнова со која се оспорува притисокот на Трамп за брзи и масовни депортации кои конкретно ги таргетираат Латиноамериканците.
Администрацијата на Трамп на крајот на март објави крај на специјалната програма, која беше спроведена во 2023 година од претходната администрација на претседателот Џозеф Бајден.
Таа програма им овозможи на Кубанците, Хаиќаните, Никарагванците и на Венецуелците да останат во САД 2 години поради состојбата со човековите права во нивните земји.
Програмата овозможи околу 532.000 мигранти да влезат во земјата, до максимално 30.000 месечно.
Судијата Талвани нареди итно прекинување на важењето на одлуката. Таа рече дека владата постапила врз основа на погрешно толкување на законот, имајќи предвид дека се забрзани процедурите за отстранување на имигрантите кои влегле во САД нелегално, но не и за оние што легално се во рамките на владините програми.
Без таа судска суспензија, мигрантите, кои влегоа во САД во рамки на програмата, ќе мораа да ја напуштат земјата до 24 април, 30 дена по издавањето на наредбата.
За време на неговата кампања, Трамп вети дека ќе депортира „милиони“ имигранти без документи.