Извештајот на европратеникот Тонино Пицула за Србија за 2023 и 2024 година, усвоен денеска од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, е дополнет со амандмани со кои најостро се осудуваат, како што се наведува, незаконските апсења и протерувања на граѓани на ЕУ од Србија.
Во усвоениот текст на извештајот се отфрлаат наводите на претставниците на српските власти дека ЕУ и некои нејзини земји-членки биле вмешани во организирање студентски протести со цел да се започне „обоена револуција“.
Европскиот парламент, во овој контекст, како што се наведува, најостро ги осудува незаконските апсења и протерувања на граѓани на ЕУ, како и јавното објавување лични податоци на граѓани на ЕУ од страна на осудени воени злосторници, заедно со говорот на омраза насочен кон националните малцинства.
Во усвоениот текст на извештајот, исто така, се изразува загриженост за зголемениот број на случаи на приведени европски државјани на српската граница, и се забележува дека анти-ЕУ наративи се манифестираат преку намалувањето на поддршката за европската интеграција во српското општество и преку зајакнувањето на присуството на странски автократски актери во земјата.
Европскиот парламент ги повикува српските власти да ја вратат довербата на граѓаните во државните институции преку обезбедување на транспарентност и отчетност и ги охрабрува сите политички и општествени чинители да се вклучат во инклузивен и суштински дијалог насочен кон исполнување на реформите поврзани со ЕУ.
За потсетување, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот на европратеникот Тонино Пицула за Србија за 2023 и 2024 година. Извештајот беше усвоен со 55 гласа за, 13 против и 8 воздржани. Во извештајот, ЕУ ја критикува Србија за недостатокот на напредок во пристапните преговори, но ги поздравува економските чекори преземени во претходниот период.