Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека предлогот на Европската унија за целосно, реципрочно ослободување од царините на индустриските производи, вклучително и на автомобилите, не е доволен за да се повлече од мерките што ги најави минатата недела.
„Не, тоа не е доволно“, одговори Трамп на предлогот изнесен од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во понеделникот.
„Европската унија се однесува многу, многу лошо со нас“, додаде американскиот претседател, кој во средата објави царини за целиот свет, вклучително и 20 отсто за Европската унија.
Трамп смета дека трговскиот дефицит меѓу САД и ЕУ ќе исчезне „брзо“ благодарение на зголемените европски набавки на американски енергетски производи.
„Тие мора да купат и да се обврзат да купат количина на енергија еднаква на овој трговски дефицит“, додаде тој.
Тој не прецизираше дали тоа ќе резултира со укинување на царините против ЕУ.
Зборувајќи за дефицитот, Трамп ја споменува сумата од 350 милијарди долари. Сепак, трговскиот дефицит со ЕУ во 2024 година беше значително помал – според податоците на САД, тој изнесуваше 235,6 милијарди долари, а според Евростат, тој беше 216,8 милијарди долари.
„Предложивме нула царини за индустриските производи. Европа е секогаш подготвена да постигне добар договор“ со САД, рече фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел. Но, „ние исто така сме подготвени да одговориме со контрамерки и да ги браниме нашите интереси“, предупреди таа.