Владата донесе историска одлука за зголемување на капитациониот бод за матичните лекари од три области, изјави премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата.
– Денес е светскиот ден на здравјето. Упатувам искрена благодарност до сите здравствени работници, луѓето кои без двоумење застануваат во заштита на животите на луѓето. Со задоволство сакам да ви соопштам за јакнење на примарната здравствена заштита. Донесена е одлука за историско зголемување на капитациониот бод за матичните лекари од општа медицина, гинекологија и стоматологија почнувајќи од април 2025 година. Зголемувањето значи повисоки плати и помотивирани лекари. Вредноста на капитациониот бод кај општите лекари и гинеколозите се зголемува од 75 на 100 денари, додека за стоматолозите од 61 на 75 денари, што е зголемување од 33% односно 23%. Ова доаѓа по повеќегодишна стагнација во периодот од 2019 до 2022 година. Ако погледнеме наназад од 2015 година капитацијата за општа медицина и за гинекологијата досега се удвои вредноста на капитацијата за една деценија. За гинекологијата овој процент изнесува 114%.
Премиерот изјави дека со новото зголемување просечниот износ по матичен лекар ќе се подобри.
– Никогаш не е доволно, свесни сме за тоа, но правиме максимум за да ги подобриме работите. Оваа одлука е дел од стратегијата за унапредување на здравствениот систем – вели Мицкоски.
На прес-конференцијата се обратија и министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на ФЗО Сашо Клековски.