Поради обилните врнежи од дожд во последните денови во Босна и Херцеговина, се зголеми водостојот на реките и поради опасност од поплави во одредени области е прогласена елементарна непогода.
Реката Босна се излеа кај Зеница, Маглај, Високо и Илијаш, а нејзиниот највисок водостој од 412 сантиметри беше во Какањ, каде е прогласена елементарна непогода.
Дождот предизвика проблеми и во Сараево, каде во некои населби има одрони.
Реките надојдоа и во Херцеговина. Водостојот на реката Требижат е 309 сантиметри, што е само 21 сантиметар од воведувањето на вонредната одбрана од поплави.
Агенцијата за водено подрачје на Јадранското Море вчера предупреди на сериозна опасност од излевање на реката Неретва и нејзините притоки.
Зголемено е и нивото на реките во Република Српска (РС), а Управата за цивилна заштита на РС објави дека водата го достигнала нивото за одбрана од поплави.
Штабот за вонредни ситуации на Теслиќ го прогласи првото ниво на подготвеност за одбрана од поплави поради зголемениот водостој на реката Укрина, а проблеми има и на подрачјето на Источно Сараево.
Зголемени се и водостоите во реките во областа Зворник, како и во областа Бјелина, но тие се под нивото за воведување редовна одбрана од поплави.