„Знаете, тоа што го направи беше како да зема бонбони од бебе. Тој е паметен и жилав и под Бајден зеде пари од САД со неверојатна леснотија. И едноставно не мислам дека е благодарен. Според мене, ние му дадовме 350 милијарди долари, додека, пак, Европа даде 100 милијарди долари. Тој му даде ракети ‘Џавелин’ кои можеа да погодат непријателски цели“.
Ова го изјави претседателот на САД, Доналд Трамп, на интервју за Фокс њуз.
– Видете, да бев претседател, ова никогаш немаше да се случи. Русија никогаш немаше да влезе во Украина… Целата ситуација со Хамас и нападот на 7 октомври – тоа никогаш немаше да се случи бидејќи Иран во тоа време беше скршен. Немаа пари, не ги праќаа ниту на Хамас, ниту на Хезболах или на кој било друг. Немаше да ја има ни најлошата евакуација што некогаш била видена – тоа беше Авганистан, најсрамниот ден во историјата на нашата земја. А знаете што друго не би имале? Немаше да имаме инфлација. За време на Бајден имавме рекордна инфлација, таа беше поразителна – една од причините зошто победив на изборите – изјави Трамп.
Трамп говореше и за намалувањето на каматните стапки во САД како добра мерка за подобрување на американската економија.
– Еден извршен директор ми рече дека неговите влезни трошоци веќе почнале да растат. Каматните стапки? Зборувате за нивно намалување? Веќе долго време велам – треба да се намалат. Никој никогаш не се збогатува кога каматните стапки се високи затоа што луѓето не можат да позајмуваат пари. Каматите се намалуваат, а знаете што друго се намалува? Енергетската политика, а потоа мораа да се вратат на дупчење бидејќи цените отидоа до небо – додаде претседателот на САД.
На прашањето дали очекува Володимир Зеленски да се „врати“ и да го заврши договорот за минерали, Доналд Трамп изјави дека го очекува тоа.
– Да. Мислам дека е така. Мислам дека тоа ќе се случи – изјави Трамп.
На прашањето дали е сигурен дека Украина ги има овие ресурси бидејќи некои се сомневаат во постоењето на титаниум и на минерали во Украина, Трамп потврди дека верува оти има ресурси во Украина.
– Верувам дека има – рече тој.
Подоцна во интервјуто, претседателот на САД се осврна на политиката на Европа.
– Знаете што друго ме мачи во Европа? Тие ѝ дадоа на Русија многу повеќе пари за купување на нивната нафта отколку што инвестираа во Украина. Значи, тие ѝ плаќаат на Русија огромна сума пари, а ние сме во тоа за 350 милијарди долари. Бајден никогаш не требаше да го дозволи тоа. Имаме цел океан меѓу нас, но Европа е таа што дозволи да биде доведена во опасност. Ако сакате да го наречете опасност, тие се во многу поголема опасност. Тоа никогаш не требаше да се дозволи – потенцираше Трамп.
Трамп не ја исклучува можноста за рецесија поради трговската војна со Канада и Мексико
Трамп не ја отфрли можноста Американците да доживеат економски тешкотии, вклучително и рецесија, како резултат на неговите обиди да предизвика трговска војна со Канада, Мексико и со други земји.
Водителот на Фокс њуз го праша Трамп дали се согласува со прогнозата на Атланта ФЕД за претстојна рецесија, на што Трамп одговори дека мрази да предвидува такви нешта.
– Мразам да предвидувам такви работи. Ова е период на транзиција бидејќи она што го правиме е многу големо. Секогаш има преодни периоди – потребно е малку време. Потребно е малку време. Но, мислам дека на крајот ќе биде одлично за нас. Тарифите би можеле да се зголемат со текот на времето, а можеби и ќе се зголемат – рече Трамп.
Тој ја критикуваше администрацијата на Џо Бајден поради лошата политика и се осврна на Блискиот Исток.
– Бајден ме остави со отворени граници кои пуштаат 21 милион луѓе, од кои многумина не би требало да бидат тука. Многумина се криминалци, многумина се убијци, дилери на дрога, нарко босови. Ја имаме целата оваа збрка со Израел, а и нападот на 7 октомври, како и сите последици од најлошото и најглупавото повлекување во историјата… Мислам дека е така. Но, погледнете, ова се сосема различни места. Зборуваме за различни нивоа на моќ, различни делови од светот. Блискиот Исток отсекогаш бил нападнат. Кога не бил нападнат? – потенцираше Трамп.
Го запрев Северен тек 2, дојде Бајден и веднаш го одобри
Трамп говореше и за неговата политика кон Русија во претходниот мандат.
– Го запрев гасоводот Северен тек 2, дојде Бајден и веднаш го одобри. Воведов санкции кон Русија. На Украина ѝ даде ракети Џавелин против Русија. Бев суров, но имав добри односи со Путин. И сега велат „тој е мек кон Путин“ – никој не бил построг кон Путин од мене – посочи претседателот на САД.