Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, предложи мировните преговори за Украина да се одржат во Минск, со учество на американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Предлогот беше изнесен во интервју со инфлуенсерот Марио Науфал, објавено денеска, а снимено на 27 февруари од белоруската новинска агенција „БелТА“.
– Кажете му на Трамп дека го чекам овде, заедно со Путин и Зеленски – изјави Лукашенко, додавајќи дека „ќе седнат и мирно ќе се договорат“.
Според него, потребен е договор со Зеленски, бидејќи „голем дел од украинското општество стои зад него“.
Лукашенко позитивно ги оцени напорите на Доналд Трамп за запирање на војната во Украина, истакнувајќи дека тој „веќе презема конкретни чекори за нејзино завршување“.
Интервјуто беше објавено по изјавата на Трамп дека добил уверување од Зеленски за подготвеност да преговара за „траен мир“ со Русија.
Лукашенко исто така изјави дека постапките на Зеленски довеле до ескалација на конфликтот во Украина.
– Тој даде многу ветувања, од кои најважното беше за прекин на конфликтот, но всушност само ја влоши ситуацијата. Зеленски го доведе конфликтот во Украина на невидено ниво. Наместо да се стреми кон мир, шефот на режимот во Киев само го продлабочи конфликтот – рече Лукашенко.