Со сведоци на одбраната на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо денеска во Кривичниот суд во Скопје ќе продолжи судењето на обвинетите за грабнувањата и за убиствата на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. За тешките злосторства извршени на 22 и на 27 ноември 2023 година, покрај Палевски се обвинети и Велибор Манев, Боре Видевки и Влатко Кешишев, а Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во извршувањето на грабнувањето на неговата ќерка Вања.
Одбраната на Палевски, адвокатите Марјан Витановски и Јовица Страшевски, за сведоци предложи двајца полицајци од СВР Велес, на кои судијата Ивица Стефановски им испрати покани за денешното рочиште. Тоа се полицајците Мартин Панчевски и Стојан Кујунџиевски.
Неизвесно е како ќе продолжи рочиштето доколку не дојдат полицајците Панчевски и Кујунџиевски – дали ќе се испитуваат обвинетите или ќе се изведуваат материјалните докази што ги предлага обвинетиот Палевски. Судијата Стефановски најави можност доколку не дојдат сведоците, одбраната на Манев да биде подготвена за испитување на второобвинетиот Велибор Манев.
Во врска со материјалните докази кои ги предлага првообвинетиот Палевски, судијата ги задолжи неговите адвокати да состават листа.
– Со оглед дека Палевски даде повеќе поднесоци за изведување на докази, како и барање на обезбедување на докази, ја задолжувам одбраната да состави листа каде секој доказ поединечно ќе биде нумериран, за да може Судот да се изјасни. Направете селекција, затоа што многу поднесоци се во прашање – ги задолжи судијата адвокатите на Палевски на последното рочиште.
Доколку денеска почнат исказите на обвинетите, судењето за двете убиства ќе влезе во завршната, „најжешка“ фаза. Прв од обвинетите ќе сведочи Манев, потоа Видевски, Кешишев, Ѓорчевски и последен Палевски. На првото рочиште сите обвинети се изјаснија за невини, а во истражната постапка Манев, Видевски и Кешишев го признаа делото. Во текот на судењето, пак, Кешишев призна што сторил со зборовите „тоа се дела за кои одговарам“ во писмото со кое го негираше своето претходно писмо, за кое рече дека го напишал по налог на Палчо.
Велешанецот Велибор Манев е тој што ги однел полицајците до местото каде го закопале телото на Панче Жежовски. Штипјанецот Влатко Кешишев ги однел полицајците до местото каде е закопано телото на Вања.
Јавноста со нетрпение ги очекува испитувањата на обвинетите за убистата во надеж дека ќе се дознае повеќе за мотивите на грозоморните убиства. Јавноста не е уверена во мотивот кој е изнесен во обвинението дека убиствата се извршени од користољубие – Панче е убиен за да му се одземе возилото, а Вања е грабната со цел за неа да биде баран откуп од семејството. Ова особено што убијците не побарале откуп за Вања и не ја однеле на место каде што ќе ја чуваат до откупот, туку среде ливада со ископана дупка и ја убиле околу час и половина по грабнувањето. Јавноста не е уверена и дека таткото Александар има врска со грабнувањето на неговата ќерка.
Од сведочењата на обвинетите јавноста очекува да дознае детаљи кој ги предложил злосторствата, како ги планирале, што им била намерата, како се грабнати Панче и Вања, зошто е убиени, од кого планирале да бараат откуп за Вања, какви им биле намерите откако евентуално ќе го добијат откупот итн.
На минатото рочите сведочеше член на партијата Десна, чиј претседател беше Палевски, кој се обиде да му даде алиби на Палевски за утрото кога е убиена 14-годишната Ѓорчевска. Тврдеше дека од 8.20 до 9 часот комуницирал со Палчо, но немаше доказ за комуникацијата, која, според него, се одвивала на таен канал на мрежата Телеграм и се самоизбришала по 30 минути.
На предминатото рочиште обвинителките презентираа снимки од надзорните камери од куќата на Манев, на кои се гледаат четворицата обвинети како се собираат кај Манев вечерта пред убиството на Панче, пред неуспешниот обид за грабнување на Вања на 24 ноември 2023 година, како и вечерта пред убиството на Вања. На снимките, за кои Судот рече дека утврдил дека се гледаат лицата на обвинетите, се гледаат четворицата како пробуваат ракавици, носат слушалки и микрофони, како и радиостаници. На една снимка по неуспепниот обид за грабнување на Вања, се гледа Манев како вади лопати од рено кангу и како од гепекот вади вреќа за пиење, ја дипли и ја враќа.