Со еден клик го имате здравствениот картон во вашиот мобилен телефон

Lorita
By Lorita 9 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Новата мобилна апликација „Мое здравје“ овозможува брз и лесен пристап до здравствени услуги за граѓаните, вклучувајќи закажување термини, следење медицински податоци и комуникација со матичните општи лекари, стоматолози и гинеколози.

Според Министерството за здравство, апликацијата ќе им помогне на корисниците да закажуваат прегледи без чекање во ординациите и да добиваат известувања за резултати од анализи.

– Со оваа алатка значително се олеснува пристапот до здравствениот систем и се намалуваат административните процедури – велат од Министерството.

Апликацијата е достапна за „Android“ и за „iOS“ корисниците, а нејзината употреба е бесплатна. Нуди можност за дигитално чување на здравствени документи, што ќе овозможи побрза и поефикасна здравствена грижа.

Граѓаните веќе изразуваат позитивни реакции за новата услуга.

– Ова ќе ни заштеди време и нема да мораме да одиме физички во амбуланта за закажување термин. Процедурата за активирање е многу едноставна, само ви треба корисничкото име и лозинката од порталот е-услуги и целиот просец е лесен. За да ја испробам се јавив кај матичниот лекар, ми требаше упат, оттаму ми кажаа кога има слободен термин кој мене ми одговараше. По неколку минути ми пристигна известување на апликацијата во колку часот, кога и кај кој лекар имам закажно преглед – вели скопјанец кој веќе ја симнал апликацијата и закажал преглед.

Од Министерството за здравство велат дека „Мое здравје“ е значаен чекор кон модернизација на здравствениот систем во земјата.

– Целта на оваа апликација е да им го олесниме пристапот до здравствени услуги на сите граѓани, со што ќе се намалат административните процедури и ќе се забрза комуникацијата помеѓу пациентите и здравствените установи – истакнуваат од Министерството.

Апликацијата „Мое здравје“ овозможува граѓаните на Македонија да имаат брз и лесен пристап до своите здравствени податоци, директно од мобилен телефон или од компјутер. Оваа дигитална платформа е создадена со цел да ја подобри комуникацијата помеѓу пациентите и здравствените установи, овозможувајќи преглед на медицинската историја, рецепти, упати и вакцинален статус на едно место.

- Advertisement -
Ad image

Што нуди „Мое здравје“?

Апликацијата ги поврзува корисниците со здравствениот систем и им овозможува:

- Advertisement -
Ad image

– Пристап до личните здравствени податоци – корисниците можат да ги прегледаат своите медицински информации во секое време, без потреба од физички посети на лекар.

– Преглед на минати и тековни прегледи, рецепти и упати – апликацијата содржи детали за дадените рецепти, нивната важност и достапноста на лековите во аптеките.

– Следење на вакциналната историја – овозможува проверка на примените вакцини, вклучително и ковид-19 вакцинацијата.

– Подобро управување со здравјето – граѓаните можат навремено да се информираат за нивниот здравствен статус и да донесуваат одлуки во координација со нивните лекари.

Кој може да ја користи „Мое здравје“?

Апликацијата е достапна за сите граѓани, без разлика на возраста, и е наменета за оние кои сакаат брз и лесен пристап до своите здравствени податоци. За поголема достапност, таа е преведена на македонски, албански и англиски јазик.

Во делот Мои податоци се наоѓа пристапот до профилите на малолетните лица кои се пријавени на здравственото осигурување на родителот.

Како да ја користите „Мое здравје“?

Апликацијата е достапна во мобилна и десктоп верзија и има едноставен и интуитивен интерфејс. Корисниците се најавуваат преку Националниот портал за е-услуги, што значи дека не треба да создаваат нов кориснички профил – најавата се врши директно преку eID.

Со „Мое здравје“, граѓаните добиваат побрз, побезбеден и поедноставен начин да ги следат своите здравствени потреби. Ако имате проблеми со најавата, повеќе информации и решенија може да најдете на официјалниот портал за е-услуги.

Кои податоци ви се достапни преку „Мое здравје“?

Апликацијата ви овозможува увид во сите реализирани прегледи кај матичен лекар, специјалистички, лабораториски, дијагностички и болнички упати, рецепти, вакцини и други поважни медицински податоци. За секоја од наведените категории, корисникот има пристап до подетални информации како датум на закажан преглед, датум на извршување на услугата, здравствена установа и здравствен работник кој ја извршил услугата, извештаи, резултати, отпусни писма, сертификати и решенија за вакцинација.

Податоците се поделени во две категории: активни и архивирани. Активни се сите актуелни документи, додека во архивата се наоѓаат сите документи за изминатите години.

Како да ја користите апликацијата „Мое здравје“?

Апликацијата е лесна за користење и не бара специјални технички вештини. По првичната најава преку вашиот eID профил, потребно е да поставите ПИН код кој ќе го користите за секоја следна најава во апликацијата. После секоја најава, ќе се појави почетна страна со можност за директен пристап до различните видови лични податоци.

На почетната страна можете да се информирате за вашето здравствено осигурување. Ако притиснете на иконата ⓘ која се наоѓа веднаш до вашето име, ќе добиете информација за тоа дали вашето здравствено осигурување е активно или не.


Специјалистички и лабораториски упати

Во делот за специјалистички упати, корисниците можат да видат информации како датум на закажан преглед, број на упат, доктор и институција каде треба да се изврши прегледот, како и статус на упатот (дали е со термин, без термин или итен). Архивата за специјалистички упати содржи информации за тоа дали упатот бил реализиран или не, како и извештајот од прегледот.

Лабораториските упати се исто така поделени во активни и архивирани. Во активните упати ќе бидете информирани за бројот на упатот, датумот на важност и институцијата каде треба да се изврши прегледот.

Болнички упати и отпусни писма

Во категоријата „болнички“, апликацијата нуди увид во активните болнички упати, со информации за кога и каде е издаден упатот и видот на упат. Отпусните писма од болниците ќе бидат достапни веднаш по нивното изготвување и можат да се прегледуваат во апликацијата.

Дијагностички упати

За дијагностичките упати, исто така, достапни се сите релевантни информации како број на упат, кога и каде треба да се изврши прегледот, како и архивираните документи со извештајот од прегледот по реализацијата.

Витални параметри

Една од корисните функции на апликацијата е следењето на виталните параметри. Апликацијата ви овозможува да ги внесете и следите вашите витални знаци како висина, тежина, низок и висок крвен притисок. Со додавањето на овие податоци, апликацијата автоматски ќе пресмета вашиот индекс на телесна маса (BMI) и ќе ги визуелизира резултатите преку графикони, што ви помага да ги следите вашите здравствени трендови со текот на времето.

Рецепти

Во апликацијата „Мое здравје“, корисниците можат да имаат увид во сите издадени рецепти. Овде ќе видите кои рецепти можат веднаш да се реализираат во аптеките, а кои рецепти се за лекови кои не се на товар на Фондот за здравствено осигурување. Архивата содржи и сите претходно издадени рецепти, како и информации дали се реализирани или не.

Прегледи кај матичен лекар

Корисниците ќе имаат увид во сите податоци за прегледи кај матичен лекар, вклучувајќи го датумот на закажување и реализација на прегледот, лекарот кој го извршил прегледот, дијагноза и креираните упати и рецепти.

Вакцини и ковид-19 сертификати

Категоријата „вакцини“ содржи информации за сите вакцини кои сте ги примиле, заедно со датумите на примени дози и ревакцинација. Исто така, тука можете да пристапите до ковид-19 сертификатите и решенијата за изолација ако сте биле позитивни на тестот за ковид-19.

Странично мени и подесувања

Преку страничното мени кое се отвора со кликнување на иконата со три цртички, можете да ги прегледате вашите лични податоци, да ја промените јазичната поставка, да го промените ПИН кодот, телефонскиот број или e-mail адресата. Во секој момент можете да ја смените вашата ПИН шифра или да пријавите технички проблеми.

Апликацијата „Мое здравје“ е моќен и лесен за користење инструмент кој им овозможува на граѓаните да ги следат и управуваат со сите аспекти на своето здравје. Со нејзиното користење, корисниците можат лесно да го следат своето здравје, да пристапат до важни медицински документи и да имаат потполна контрола над своето здравствено осигурување.

Share This Article