Берзанските индекси на Волстрит драстично паднаа бидејќи инвеститорите стравуваа од трговска војна, откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 25% за Канада и за Мексико и од 20% за Кина.
Dow Jones Industrial Average падна за 1,48%, на 43.191 поени, додека S&P 500 падна за 1,76 отсто на 5.849 поени, а Nasdaq Composite за 2,64 отсто, на 18.350 поени.
Трамп имаше намера да ги воведе овие тарифи во средината на јануари, но ги одложи за еден месец за да им даде време на властите во соседните земји да преземат мерки за спречување на шверцот на дрога и илегалните имигранти.
– Пазарот се надеваше на договор во последен момент, но овој пат тоа не се случи. Воведени се царини и треба да се справиме со тоа. „Оваа нова реалност сега треба да се вметне на пазарот, а тие бројки ќе бидат лоши – коментира Џејми Кокс, партнер во финансиската групација Харис.
Инвеститорите стравуваат од трговска војна бидејќи Канада веќе се заканува дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија и други мерки, а сето тоа негативно ќе влијае на економиите.
Се проценува дека ова може уште еднаш да ја стимулира инфлацијата, која е на високо ниво, а тоа, пак, ќе ја спречи американската централна банка да продолжи да ги намалува каматните стапки.
Од друга страна, инвеститорите се надеваат дека ФЕД наскоро би можел да го продолжи овој циклус бидејќи серијата неодамнешни податоци покажуваат дека растот на американската економија забавува.
И на азиски берзи цените на акциите утрово паднаа. Индексот на азиските акции MSCI беше во минус од 0,3%. Јапонскиот индекс Никеи се лизна за 1,3%, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Хонг Конг и Австралија паднаа меѓу 0,1 и 0,6%.
На европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс се зголеми за 0,70%, на 8.871 поен, додека франкфуртски DAX скокна за 2,64%, на 23.147 поени, а париски CAC 1,09%, на 8.199 поени.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 1,1 отсто и достигна рекордни нивоа.
Најмногу пораснаа цените на акциите во одбранбениот сектор, во просек за 8%, откако лидерите на Европската унија и Велика Британија најавија поголеми инвестиции во одбраната.
Тие, исто така, најавија дополнителна помош за Украина во нејзината војна со Русија, откако пропаднаа разговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
И на пазарот на валути падна вредноста на доларот во однос на кошницата со валути.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 106,45 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 107,17 поени.
Курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 150,40 на 148,70 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото се искачи на 1,0490 долари, додека вчера во овој момент изнесуваше 1,0415 долари.
Цените на нафтата паднаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава падна за 0,96%, на 70,95 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 0,78%, на 67,85 долари.