Британскиот премиер Кир Стармер на денешниот состанок со европските лидери истакна дека добар мировен исход за Украина би бил клучен и за стабилноста на Европа.
– Во разговорите изминатите денови се договоривме да работиме со Украина на план за запирање на борбите, а потоа ќе разговараме со САД за заедничко развивање на планот – посочи Стармер.
Тој наведе дека разговарал и со балтичките сојузници, кои, исто така се вклучени во барање решение за стабилност на Украина и на Европа.
Стармер одржа прес конференција на која зборуваше за детали од состанокот меѓу европските лидери и истакна дека секој нов договор за поддршка на Украина мора да биде поддржан и дека секоја нација мора да придонесе на најдобар начин што може, со преземање одговорност и засилување на сопствениот удел.
Лидерите на самитот договориле четири чекори: Да се задржи воената помош во Украина додека трае војната и да се зголеми економскиот притисок врз Русија; Секој траен мир мора да го обезбеди суверенитетот и безбедноста на Украина, а Украина мора да биде на маса за какви било мировни преговори; Во случај на мировен договор, европските лидери ќе имаат за цел да спречат каква било идна инвазија на Русија во Украина; Ќе има „коалиција на подготвени“ да ја брани Украина и да гарантира мир во земјата.
Стармер во одговор на новинарско прашање го отфрли тврдењето дека САД станале несигурен сојузник.
– Не прифаќам дека САД се несигурен сојузник, нема две земји толку блиску усогласени како нашите две земји. Ова е план кон кој работиме со САД и со поддршка од САД. Затоа разговарав со Трамп синоќа – рече Стармер.
На средбата Во Лондон учествуваат претседателите на Украина, Финска и на Франција, Володимир Зеленски, Александар Стуб и Емануел Макрон, премиерите на Полска, на Шпанија, на Данска, на Холандија, на Шведска, на Норвешка, Чешка, Италија и Канада (Доналд Туск, Педро Санчез, Мете Фредериксен, Дик Шуф, Улф Кристерсон, Јонас Гар Сторе, Петр Фијала, Џорџа Мелони и Џастин Трудо), германскиот канцелар Олаф Шолц и шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.