Членовите на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК+) размислуваат дали да го зголемат производството на нафта во април според планираното или да го замрзнат.
Групацијата има краен рок од 5 до 7 март да формира производствен план за април, но засега не е постигнат консензус, бидејќи Обединетите Арапски Емирати сакаат да продолжат да го зголемуваат производството, како и Русија, но другите членки, вклучително и Саудиска Арабија, се за одложување.
Според извори од ОПЕК одлуката ќе се донесе врз основа на проценката на состојбата на глобалното снабдување со нафта предизвикана од најновите американски санкции кон Венецуела, Иран и Русија.
Американскиот претседател Доналд Трамп го обнови притисокот врз ОПЕК да ги намали цените на нафтата, кои се искачија над 82 долари за барел до повеќемесечни највисоки нивоа во јануари, откако претходникот на Трамп Џозеф Бајден воведе нови енергетски санкции кон Русија.
Цените на нафтата оттогаш паднаа на 73 долари како резултат на очекувањата дека Трамп ќе помогне да се постигне мировен договор меѓу Русија и Украина и да се зајакне протокот на руска нафта.
Сепак, неговите планови да го намали извозот на иранска нафта на нула и откажувањето на лиценцата на енергетската корпорација Шеврон за работа во Венецуела, го запреа натамошниот пад на цените. Вчера нафтата достигна цена од 74 долари за барел.