Европа со години го „малтретира“ американскиот претседател, а Европската комисија одбила предлог на Унгарија со кој би можела да биде избегната трговска војна меѓу ЕУ и САД, открива унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто во објава на својот профил на Фејсбук.
„Предложивме царината за увоз на американски автомобили во Европа да се намали од 10% на 2,5%, бидејќи токму тоа е стапката што САД ја применуваат за европската автомобилска индустрија. Тоа би бил фер и разумен потег. Но, Брисел не направи ништо“, нагласи унгарскиот министер.
Во својата официјална изјава, Сијарто истакна дека целиот свет уште од ноември минатата година знае дека новиот американски претседател е „патриот“.
„Целиот свет, вклучително и Брисел и Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лајен, многу добро знаеја дека Доналд Трамп бара фер трговски услови. Во Брисел знаеја дека Вашингтон ќе воведе царини доколку ништо не се преземе. Тие знаеја, но не направија ништо. Затоа што тие се неспособни, а пред сè кукавици“.
Според Сијарто, раководството на ЕУ со своите постапки ја уништува економијата на континентот.
„Тие се кукавици, бидејќи осум години го напаѓаат Доналд Трамп, а сега не смеат ниту да влезат во дијалог со него. Раководството во Брисел, како и Урсула фон дер Лајен, ѝ нанесе нов удар на европската економија. Прво ја изолираа Европа од Кина, а сега од САД“.
Тој вели дека „сè што уништи Брисел, ќе го поправиме во Будимпешта“, нагласувајќи дека Унгарија ќе ги продолжи билатералните преговори со САД „за да ја воспоставиме најпродуктивната унгарско-американска економска соработка во историјата во наредните месеци“.