Русија нема намера да ѝ врати на Украина ниту дел од окупираната територија, објасни портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на брифинг со новинарите во четвртокот.
– Тоа се територии што станаа дел од Русија и кои се вклучени во нашата државна уставна одредба како неотуѓив дел од Русија. Тоа е факт што ние апсолутно не можеме да го негираме или да дискутираме за него – рече портпаролот за регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје кои Москва ги смета за свои територии.
Песков исто така посочи дека Москва се противи на трговските војни во светот бидејќи тие имаат негативно влијание врз сите играчи на пазарот. Тој потсети дека Русија во моментов е фокусирана на зајакнување на врските со пријателските земји, вклучувајќи ги и нејзините партнери од БРИКС.
– Таму ги развиваме нашите стратегии, кои најдобро им служат на нашите интереси и на нашите партнери. Нашата цел е да избегнеме тарифни војни – додаде портпаролот.