„Низа пропусти и недостатоци во грчката железница; унштени податоци и докази на местото на несреќата; можно присуство на непознато гориво што ја создало огнената топка по судирот на двата воза; а за 5 до 7 лица, причината за смртта е пожар“.
Ова е дел од ставовите на членовите на грчката Национална управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), кои денеска го презентираа извештајот од истрагата за железничката несреќа кај Темпи пред 2 години, јави дописничката на МИА од Атина.
Утре се навршуваат 2 години од железничката несреќа во која животот го загубија 57 лица, а денеска беше презентиран конкретниот извештај, кој има советодавна улога, додека, пак, на прес-конференцијата во Атина, што започна со едноминутен молк за жртвите, присутни беа и членови на семејствата на загинатите, како и адвокати во случајот.
ЕОДАСААМ е независна организација, фомирана по железничката несреќа, иако како што информираа членовите, требало да постои уште пред 20 години, целта на извештајот, презентиран денеска, не е да се припише одговорност или да се дефинираат виновниците, туку да се подобри железничкиот сообраќај во земјата, а на истрагата и на извештајот работеле заедно со екперти од ЕУ и од европската железница.
По судирот следела експлозија и се формирала огнена топка
Товарниот воз, како што објаснија, се движел со брзина од околу 90 километри а час, а патничкиот со околу 150 киломентри на час (и двата во рамките на дозволената брзина), меѓутоа на иста шина во спротивна насока, а за мнозинството од загинатите судирот бил кобен и токму тоа е причината за смртта.
По судирот следела и експлозија и фомирање т.н. огнена топка, а шефот на единицата за истраги на ЕОДАСААМ, Костас Капетанидис, посочи дека за 5 до 7 лица, причината за смртта е оган.
– Огнената топка беше многу голема. Врз основа на набљудувањата не постоеше индикација дека железничкиот материјал го предизвикал пожарот. Можно е постоење на едно, засега непознато гориво – објасни Капетанидис.
Со идентичен став е и Барт Аку од европската железница, кој објасни дека според тоа што било пријавено дека го пренесувал товарниот воз, „огнената топка не е оправдана“.
– Увидот на местото на несреќата не беше соодветно направен за да можеме да го дефинираме типот на гориво. Направивме симулации, но не можеме да го дефинираме видот. Не постојат индикации дека она што официјално постоеше во возот ја оправдува конкретната огнена топка – објасни Аку.
За силиконското масло, што наводно се пренесувало во товарниот воз, Аку истакна дека е многу малку веројатно да има основна улога во формирањето на огнената топка.
Изгубени се многу докази
Во однос на тоа дека можно е да бил расчистен просторот на несреќата и со тоа да се загубиле важни докази, експертот од европската жлезница рече дека нивниот заклучок е дека „она што се случило се должи на недостиг на знаење и подготвеност на службите за толку голем случај, како што беше железничката несреќа“, став што предизвика негативни реакции и од новинарите и од адвокатите на семејствата на дел од жртвите.
Во однос на важноста на Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), претседателот на секторот за железници, Христос Пападимитриу, посочи дека непостоењето на Управата во периодот кога се случи несреќата резултирало со недостиг и со губење на сериозни докази.
Со оглед на тоа што ЕОДАСААМ е формирана по несреќата, во нивната истрага се користеле веќе постоечките докази и информации.
Извештајот на над 180 страници, меѓу другото содржи и 17 препораки за подобрување на грчката железница, ќе биде испратен и до надлежниот суд, а шефот на единицата за истраги во Управата посочи дека доколку се имплементира дури и дел од препораките на неговата единица, железничкиот сообраќај во Грција ќе стане многу побезеден.
За 2-годишнината од железничката несреќа, утре во Грција е закажан генерален штрајк што буквално ќе ја парализира земјата, нема да функционираат бродскиот, авионскиот и железничкиот сообраќај, дел од рестораните, таверните, кафулињата и ноќните клубови; театрите ќе бидат затворени; а закажани се над 340 протести во земјата и странство.