Србија ќе добие дополнителен месец да се обиде да ги избегне американските санкции за нафтената индустрија на Србија (НИС), тврди српскиот претседател Александар Вучиќ. Санкциите на американското Министерство за финансии за НИС требаше да стапат на сила на 27 февруари.
Американските мерки се насочени против руската компанијата Газпромњефт која поседува половина од акциите во НИС.
Во објава на Инстаграм, Вучиќ сподели документ во кој се наведува дека периодот на одложување истекува на 28 март или „до завршување на одобрената трансакција“ на руската сопственост во компанијата.
Истиот ден, Белградската берза објави документи кои покажуваат дека Газпромнефт го намалил сопственичкиот удел во НИС од 50 на 44,85 отсто. Во исто време, Гаспром, чија подружница е Газпромнефт, го зголеми сопствениот удел во НИС од 6,15 на 11,30 отсто.
Од Србија се бара целосно да ги повлече руските интереси од компанијата, што мора да биде завршено во рок од 45 дена, изјави во петокот Вучиќ. Еден ден подоцна, по разговорите во Белград со Ричард Верма, американскиот заменик државен секретар за менаџмент и ресурси, Вучиќ изјави дека санкциите не му се целосно јасни.
Верма рече дека планот е „да се отстрани руската сопственост во сопственичката структура“ на НИС и дека нема да има економски последици за Србија ако тоа се случи.
Сепак, Вучиќ вели дека Србија е подготвена да го купи рускиот дел, но дека не е јасно како ќе го направи тоа.
– Не сакаме да заплениме ничиј имот, па дури ни руски имот. Сакаме да платиме, имаме пари, само кажете ни каде и кому да платиме – рече Вучиќ.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во вторникот, 14 јануари, изјави дека Москва е „во контакт со српските пријатели“ во врска со судбината на компанијата НИС.
Ситуацијата, дури и од „правна гледна точка, бара храбри одлуки“, рече Лавров. Тој ги обвини САД и ЕУ дека ги „виткаат рацете на Србија“ барајќи од неа да ја предаде Русија.