Од денеска на Македонската берза на електрична енергија официјално започна тргувањето во евра, соопшти Зоран Ѓорѓиевски, управителот на МЕМО, Националниот оператор на пазар на електрична енергија. Досега тргувањето одеше во денари.
– Од денес за сите 37 компании кои тргуваат на пазарот ден однапред се воведува еврото како валута. На тој начин се отвора патот за пазарно спојување познато како маркет каплинг (market coupling) со берзите на соседните земји и членки на Европската унија, што е исто така приоритет на кој посветено се работи за следните две години, заедно со можноста за воведување на интрадневен пазар на електрична енергија – рече Ѓорѓиевски.
Домашната берза на електрична енергија започна пред речиси две години во земјата, а организатор на пазарот „ден однапред“ е МЕМО. Првата аукција за тргување со електрична енергија на пазарот ден однапред се одржа на 10 мај 2023 година. Аукциите на пазарот ден однапред се одвиваат на дневна основа. Резултатите од аукцијата се достапни на самата платформа во 10:45 и секојдневно се објавуваат на веб страната на МЕМО.
Во досегашното работење веќе 37 учесници секојдневно тргуваат на домашната берза на електрична енергија и до сега се истргувани речиси 1,5 ТWh електрична енергија.