Во оваа фаза на постапката се откажавме да се изведе како доказ медицинската документација за извршени прегледи кај мојот клиент Александар Ѓорчевски. Тие докази се неспорни и се составни од кривичниот предмет во претходната постапка, така што, во тој дел немаме ништо спорно. И со тој дел ќе ја насочиме постапката за тортура, пред надлежното јавно обвинителство, кога ќе дојде време за таа работа. Ова го изјави денеска адвокатот Владимир Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски кој е обвинет за помагање при грабнувањето на неговата ќерка, Вања Ѓорчевска.
Во врска со коментарот на обвинителката дека не е составен нотарскиот акт за пренесување на становите на Александар од негово име на име на неговите ќерки Вања и Миња, адвокатот Туфегџиќ рече дека тоа прашање е доволно расчистено и од изјавата на мајката Зорица Ѓорчевска.
– Помеѓу мајката и таткото не постои никаков спор, ниту до денеска постои доказ дека тие склучени договори се оспорени – рече тој.
Туфегџиќ додаде дека денеска се изведени докази кои се однесуваат на новинарски извештаи, а во врска со прашањето и околноста кој прв ја известил јавноста за сомнежот дека Вања е киднапирана.
– Тоа е токму мајката. Тоа е евидентирано во вашите новинарски записи. Два часа по објавата на Фејсбук од страна на мајката земена е изјава од неа за медиуми. Во таа насока, со тоа докажуваме дека на Александар не може да му се става на товар дека тој е првиот што се посомневал дека детето е киднапирано. Тоа било општ впечаток во семејството, имало различни размислувања и стравувања во таа насока, што е многу природно во таква состојба – рече адвокатот Туфегџиќ.