Обединетото Кралство ќе ги зголеми трошоците за одбрана од сегашните 2,3 отсто на 2,5 отсто од БДП до 2027 година, за да одговори на новите безбедносни предизвици во Европа, рече денеска британскиот премиер Кир Стармер.
– Велика Британија мора да ги искористи сите свои ресурси за да постигне безбедност – рече Стармер во говорот во Долниот дом на британскиот парламент.
Стармер посочи дека зголемувањето на трошоците ќе значи дополнителни 13,4 милијарди фунти за одбраната.
– Можам да објавам дека оваа влада ќе го започне најголемото одржливо зголемување на трошоците за одбрана од крајот на Студената војна – рече Стармер.
Ова зголемување ќе се постигне со намалување на британскиот буџет посветен на меѓународната развојна помош. Тој буџет ќе се намали од 0,5 отсто на 0,3 отсто во периодот до 2027 година, за да се финансираат поголеми инвестиции во одбраната.
Стармер рече дека не е среќен што мора да објави кратења на помошта за странство.
Тој рече дека е горд на перформансите на Велика Британија во обезбедувањето меѓународна помош. Додаде дека Британија ќе продолжи да игра клучна хуманитарна улога во Судан, Украина и во Газа, во борбата против климатските промени и во поддршката на глобалното здравје и на вакцините.
Старме истакна дека Европа мора да „направи повеќе“ за својата одбрана.
– Одбраната и безбедноста на Британците мора да бидат на прво место. Целиот наш пристап кон националната безбедност сега мора да се промени. Ќе побарам од британската индустрија, бизнисите, универзитетите и од британскиот народ да играат поголема улога во ова – рече тој.
Ветувањето на Стармер дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана следеше по неколкумесечниот американски притисок и повиците Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.
По два дена Стармер ќе отпатува во Вашингтонна средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
За следната недела тој свика нов состанок за Украина со европските лидери.