Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се надева дека го убедил својот американски колега Доналд Трамп да не започнува трговска војна против Европа, туку да се фокусира на Кина.
– Не можете истовремено да водите трговска војна и со Кина и со Европа. Се надевам дека Трамп го разбира тоа – изјави Макрон за Фокс Њуз по средбата со американскиот претседател во Вашингтон.
Макрон нагласи дека за Вашингтон „приоритет е воведувањето царини за Кина“ и дека истовремена економска конфронтација со Европа не е во интерес на САД.
Тој додаде дека му објаснил на Трамп дека европскиот систем на ДДВ не претставува царина и дека ЕУ никогаш не вовела царини на увозот од САД.
Според него, евентуална трговска војна би го загрозила и зголемувањето на воените трошоци на европските земји, што е едно од клучните барања на Трамп.
Францускиот претседател ќе ги информира лидерите на ЕУ за неговата средба со Трамп на утрешната средба.