Владата ги провери и ги отфрла шпекулациите и неточните наводи изнесени од СДСМ и од ДУИ во врска со работата на Министерството за животна средина и просторно планирање, соопшти попладнево извршната власт.
„Инспекцискиот надзор спроведен од Управниот инспекторат се однесува на аспекти на архивското работење и не утврдил незаконско постапување. Оваа административна пракса на работа е воспоставена уште во 2017 година и континуирано се применувала под раководство на министри од СДСМ и од ДУИ во претходните влади. Ако по логиката на Кузевска тоа е прекршување на законите, тогаш значи дека законот бил прекршен од Владата на СДСМ и ДУИ“, соопшти Владата.
Владата, се додава во соопштението, останува посветена на транспарентноста и ги повикува сите заинтересирани страни на увид во документацијата за целосно и точно информирање на јавноста како и што повика Министерството за животна средина и просторно планирање.
СДСМ денеска достави документи до Владата. Партијата смета дека според наведеното во документите, во Министерството за животна средина бил поставен систем за потпис и одлучување спротиво на законите и административните процедури, што отвора сомнежи за корупција и мито.
Министерот за животна средина Изет Меџити ги отфрли обвинувањата.