Претседателот на Русија, Владимир Путин, во понеделникот вечерта понуди да ги продаде руските ретки минерали на американски компании, вклучително и на оние во Украина, окупирана од Русија, дополнително подвлекувајќи ја неговата порака до Доналд Трамп дека во Русија треба да се направи профит, објави британски Гардијан.
– Подготвени сме да работиме со нашите партнери, вклучително и со Американците – рече Путин.
Тој додаде дека Русија би можела да продолжи да им продава алуминиум на САД.
– Ние, несомнено, да нагласам, имаме значително повеќе ресурси од ваков вид одошто има Украина – рече рускиот претседател.
Путин рече дека потенцијалните договори за истражување ретки метали би можеле да се прошират и на наоѓалишта на територијата во источна Украина, што Русија ја окупира по 3 години воена акција.
Претходно во понеделникот, Трамп им рече на новинарите во Вашингтон дека ќе се случат „големи трансакции за економски развој со Русија“. Во рок од 2 часа од изјавата на претседателот на САД, Путин претседаваше со ненајавен состанок со неговите министри и економски советници за ретки метали.
Според податоците на Геолошкиот институт на САД, Русија е петта во светот по големина на резерви на ретки метали, по Кина, Бразил, Индија и по Австралија.