Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот лидер Владимир Путин ќе прифати европски мировници распоредени во Украина како дел од потенцијален договор за ставање крај на војната.
Трамп ова го изјавил пред новинарите на почетокот на состанокот во Белата куќа со францускиот претседател Емануел Макрон по повод третата годишнина од руската инвазија на Украина, јави Еуроњуз.
– Да, тој ќе го прифати. Јас му го поставив тоа прашање. Видете, ако го направиме овој договор, тој не бара светска војна – рекол Трамп.
ДПА пренесе дека Трамп рекол оти сака да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа или следната недела, за да разговара за пристапот на САД до украинските суровини.
Тој додал дека двете земји се многу блиску до договор.
Договорот ќе ја поврзе американската помош со Украина која ќе дозволи пристап до нејзините вредни и стратешки ресурси.
– Ние и помагаме на Украина како што никој досега не ѝ помогнал на Украина – рече американскиот претседател, додавајќи дека не сака војната во Украина да ескалира во трета светска војна.
Според извештаите, неколку европски земји, предводени од Велика Британија и Франција, тајно работат на план за испраќање војници во Украина за да помогнат во спроведувањето на идниот мировен договор со Русија. Овие планови станаа посериозни откако американските власти сугерираа дека Европа треба да преземе поактивна улога во обезбедувањето постконфликтна стабилност во регионот.
Поранешниот висок функционер на НАТО Џејми Шеј проценува дека за оваа мисија ќе бидат потребни околу 50.000 европски војници, што би значело вкупна воена структура од 150.000 војници со „беспрекорни ротации“. Таквата операција ќе бара значителна координација и посветеност од европските земји за да се обезбеди долгорочна стабилност во Украина.
Русија изрази загриженост дека присуството на европски трупи може да претставува „тајна окупација“ на Украина. Минатата година Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) предупреди дека Западот може да испрати мировни трупи во Украина под покровителство на НАТО, што, според Москва, би претставувало де факто окупација на земјата.