Претседателите на САД и Франција Доналд Трамп и Емануел Макрон одржаа билатерална средба во Белата куќа. Макрон е првиот европски политичар што го посетува Трамп.
Пред средбата тие учествуваа на видео-конференциска средба со претставниците на Г7, по што одговорија на неколку новинарски прашања.
Трамп рече дека „војната во Украина би можела да заврши за неколку недели“ и додаде дека „не гледа проблем во испраќањето европски трупи како мировни сили“.
На прашањето дали верува дека Украина ќе треба да се откаже од дел од својата територија за постигнување мир, Трамп одговори: „Ќе видиме. Овие преговори допрва почнуваат.“
Тој истакна дека враќањето на териториите окупирани од Русија „не е лесна работа“.
Претходно, Трамп сугерираше дека Украина можеби ќе може да си врати „некои“ од своите територии, а минатата недела изјави дека руската окупација значи дека Москва ги „има картите во преговорите“.
Трамп тврди дека рускиот претседател Владимир Путин ќе прифати европски мировни сили во Украина откако ќе заврши војната, иако Кремљ повеќепати нагласуваше дека се спротивставува на таква можност.
Американскиот претседател, исто така, најави дека можеби ќе се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски оваа или наредната недела, за да разговараат за договорот поврзан со минералните ресурси на Украина. Тој, исто така, потврди дека во одреден момент ќе има средба и со Путин.
Трамп беше прашан дали ќе го окарактеризира рускиот претседател Путин како „диктатор“, со оглед на тоа што тој претходно го користеше истиот збор за украинскиот претседател Зеленски.
„Не го користам тој збор лесно, ќе видиме како сето тоа ќе се одвива“, рече Трамп, додавајќи дека постои „шанса за многу добар договор“ меѓу Украина и Русија. Нерешената војна меѓу двете земји „може да доведе до трета светска војна“, додаде тој.
Францускиот претседател Макрон, пак, истакна дека „повторниот ангажман на САД создава неизвесност за Путин“ и додаде дека Франција е подготвена да ѝ даде „безбедносни гаранции на Украина“ во овој критичен момент.