„Никогаш не би помислил дека ќе морам да кажам вакво нешто во ТВ-емисија, но, по изјавите на Доналд Трамп минатата недела… јасно е дека оваа влада не се грижи многу за судбината на Европа“.
Вака изјави победникот на парламентарните избори во Германија, Фридрих Мерц, за време на постизборната дебата во неделата. Новиот германски канцелар најавува тектонски промени во односите меѓу Берлин и Вашингтон, пишува Би-Би-Си.
Мерц не ги дочека конечните резултатите од изборите во неговата земја за да најави нова ера во Европа. Тој навести дека потфатот е толку итен што тој не е сигурен дали лидерите на трансатлантската алијанса кои се собраа на самитот во јуни „сè уште ќе зборуваат за НАТО во неговата сегашна форма или дали ќе треба многу побрзо да воспоставиме независна европска одбранбена способност“.
– Мој апсолутен приоритет ќе биде да ја зајакнеме Европа што е можно побрзо за да можеме, чекор по чекор, навистина да постигнеме независност од САД – додаде Мерц.
Би-Би-Си пишува дека вакви изјави биле незамисливи за претходните лидери на Германија и дека „она што сега го доживуваме во однос на трансатлантските односи е без преседан во последните 80 години откако заврши Втората светска војна“.
Големите европски сили се шокирани до срж од администрацијата на Трамп, која сугерира дека би можела да ги отповика безбедносните гаранции за Европа кои се во сила од 1945 година. На дебатата во неделата, Мерц ја стави Америка на Доналд Трамп на исто ниво со Русија, на која Европа гледа како на безбедносна закана.
Утрото по неговата победа, Мерц ја коментираше третата годишнина од руската окупација на Украина велејќи дека Европа останува цврсто на страната на Украина.
„Три години војна во Европа. Три години сме придружени со ужасни слики на уништување и воени злосторств0. Сега, повеќе од кога било, мораме да ја ставиме Украина во позиција на сила. За праведен мир, нападнатата земја мора да биде дел од мировните преговори“, објави Мерц на Икс.