Откажана е планираната прес-конференција на украинскиот претседател Володимир Зеленски и главниот претставник на САД за Украина Кит Келог. На камерманите им беше дозволено накратко да влезат во просторијата. Извори за Би-Би-Си изјавиле дека се чини дека Келог е тргнат на страна од американската администрацијата на Доналд Трамп.
Средбата на Келог и Зеленски во Киев доаѓа откако Зеленски и Трамп си разменија остри изјави. Зеленски изјави дека Трамп живее во „руски информативен меур“, додека Трамп подоцна напиша дека Зеленски е „диктатор без избори“.
Сепак, Зеленски по средбата со Келог на Икс обзнани дека имал продуктивен состанок.
„ Имав продуктивен состанок со Келог, добра дискусија, многу важни детали. Благодарен сум на САД за сета помош и двопартиска поддршка за Украина и украинскиот народ. Важно е за нас, и за целиот слободен свет, да се почувствува американската сила. Имавме детален разговор за ситуацијата на бојното поле, како да ги вратиме нашите воени заробеници и ефективни безбедносни гаранции“, напиша украинскиот лидер.
Зеленски му се заблагодари на Келог за „заедничката работа за постигнување важни резултати“.
Во четвртокот стигна и директна порака до Украина од советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, кој истакна дека Украина треба да го спушти тонот и да го прифати предложениот договор за ретки минерали со САД кој Зеленски одби да го потпише во својата првична верзија.
Трамп повеќепати повтори дека договорот САД да користат до 50% од ретките минерали на Украина е услов за континуираната поддршка на САД за Украина.