Најмалку 48 лица загинаа во уривање на илегален рудник за злато во западниот дел на Мали, потврдија властите и локални извори.
Мали, еден од водечките африкански производители на злато, често е место на смртоносни одрони и несреќи во рударството. Со години, властите се соочуваат со предизвикот да ја контролираат нелегалната експлоатација на благородниот метал во земјата, која е меѓу најсиромашните во светот.
„Бројот [од 18 часот] денеска [сабота] е 48 загинати по падот“, рече полициски извор.
Според достапните информации, некои од жртвите паднале во водата, меѓу кои и жена со дете на грб.
Локален функционер го потврди уривањето на рудникот, додека Здружението на рудари Кениебе исто така соопшти дека бројот на загинати се искачи на 48.
Спасувачките екипи се уште трагаат по евентуални преживеани и жртви, изјави претседателот на една еколошка организација.
Според извори кои разговарале за АФП, несреќата се случила на напуштена рударска локација со која претходно управувала кинеска компанија.
Несреќите во ископувањето злато не се невообичаени во Мали. Во јануари оваа година, од лизгање на земјиштето во рудник на југот на земјата загинаа најмалку 10 лица, а уште многу се водат како исчезнати, а повеќето од жртвите се жени.
Пред нешто повеќе од една година, уривање на тунел во рудник за злато во истиот регион однесе повеќе од 70 животи, објави Гардијан.