Претседателот Владимир Путин во средата го пофали исходот од разговорите Русија-САД во Саудиска Арабија и рече дека Украина нема да биде исклучена од преговорите за завршување на војната, jави Ројтерс.
– Без зголемување на нивото на доверба меѓу Русија и САД, невозможно е да се решат многу прашања, вклучително и украинската криза. Целта на оваа средба беше токму зголемување на довербата меѓу Русија и САД – рече Путин во својот прв коментар по средбата на американска и руска делегација која се одржа во вторник во Ријад.
Украина и европските влади не беа поканети на разговорите во главниот град на Саудиска Арабија, што ја зголеми нивната загриженост дека Москва и Вашингтон би можеле да склучат договор што ги игнорира нивните витални интереси. Но, Путин рече дека Русија никогаш не ги одбила разговорите со Европејците или со Киев, туку дека тие одбиле да разговараат со Москва.
– Никому ништо не наметнуваме. Подготвени сме, ова веќе стопати го кажав – ако сакаат, ве молам, нека се случат овие преговори. И ние ќе бидеме подготвени да се вратиме на маса за преговори. Никој не ја исклучува Украина – истакна рускиот лидер.
Според Путин, нема потреба од „хистерична“ реакција на разговорите меѓу САД и Русија.