Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Владимир Путин Јуриј Ушаков денеска се сретнаа со високи американски дипломати во Саудиска Арабија.
Според Москва, целта на разговорите е обновување на билатералните односи. Лавров рече дека целта на разговорите ќе биде да се стави крај на „ненормалниот период“ во односите меѓу двете „големи сили“. Дискусијата, исто така, може да постави терен за потенцијална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, пишува Си-Ен-Ен.
Во руската делегација е и Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател Владимир Путин за надворешна политика. По пристигнувањето во Ријад, тој рече дека разговорите за Украина ќе бидат исклучиво билатерални, пренесе руската државна новинска агенција РИА.
„Дојдовме да преговараме само со нашите американски колеги. Главната работа е да започне вистинска нормализација на односите меѓу нас и Вашингтон“, рече Ушаков, а пренесува РИА. „Тоа се билатерални разговори, чисто билатерални. Не може да има трилатерални разговори во Ријад“.
А американската страна нагласи дека денешниот состанок не е за почеток на преговорите, туку за утврдување дали Русија е „сериозна“ за завршување на војната во Украина, пренесува Би-би-си.
Украинците и Европејците исклучени
Средбата, од која беа исклучени Украинците и Европејците, доаѓа во време на дипломатски превирања предизвикани од минатонеделниот разговор меѓу Трамп и Путин, кој го наруши единството на Западот против Москва.
Европејците се состанаа во понеделникот во Париз за да разговараат за нивната стратегија, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Турција за да се сретне со неговиот колега Реџеп Таип Ердоган во вторникот и во Саудиска Арабија во средата. Американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, во вторник ќе отпатува за Полска, а во четврток во Киев.
Од американска страна, државниот секретар Марко Рубио веќе ја посети Саудиска Арабија во понеделникот, каде што беше примен од престолонаследникот Мохамед бин Салман.