Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека денеска имал „долг и многу продуктивен телефонски разговор“ со рускиот претседател Владимир Путин.
Според Трамп, двајцата лидери разговарале за Украина, Блискиот Исток, енергетските прашања и за други важни теми.
„Зборувавме за големата историја на нашите народи и за фактот дека толку успешно се боревме заедно во Втората светска војна, сеќавајќи се дека Русија изгуби десетици милиони луѓе, а ние, исто така, изгубивме толку многу! Секој од нас зборуваше за силните страни на нашите соодветни нации и за големата корист што еден ден ќе ја имаме соработувајќи заедно. Исто така, се договоривме нашите соодветни тимови веднаш да започнат преговори и ќе започнеме со тоа што ќе го повикаме претседателот (Володомир) Зеленски, од Украина, за да го информираме за разговорот, нешто што ќе го направам во моментов“, посочи Трамп во објава на социјалните мрежи. Ги замолив државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ретклиф, советникот за национална безбедност Мајкл Валц и амбасадорот и специјален пратеник Стив Виткоф да ги водат преговорите кои, силно чувствувам дека ќе бидат успешни. Милиони луѓе загинаа во војна што немаше да се случи да бев претседател, но се случи, па мора да заврши. Повеќе не треба да се губат животи! Сакам да му се заблагодарам на претседателот Путин за одвоеното време и напор во врска со овој повик“, напиша Трамп во објава на неговата мрежа Трут Соушл.
Претходно, американската телевизија Си-Ен-Ен објави дека лидерите на двете држави имале телефонски разговор.
„Бев информиран дека претседателот Трамп разговараше со рускиот претседател Владимир Путин утрово“, напиша новинар на Си-Ен-Ен на социјалната мрежа Икс.
Весникот „Њујорк пост“ пренесе дека Трамп изјавил оти со Путин разговарал за решавање на конфликтот во Украина.
Сепак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската новинска агенција ТАСС изјави дека не може „нити да потврди, нити да демантира“ дека се одржал разговор меѓу Путин и Трамп.
Трамп претходно му се заблагодари на рускиот претседател за ослободувањето на американскиот државјанин Марк Фогел, кој беше осуден во Русија за криумчарење и поседување наркотични супстанци, по што беше вратен во САД.
Потврда за разговорот кој траел 90 минути пристигна и од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Путин и Трамп во телефонски разговор се договорија да организираат лична средба. Путин го покани Трамп во Москва. Трамп се залагаше за брз крај на непријателствата и мирно решавање на проблемот. Путин, од своја страна, ја спомена потребата од решавање на основните причини за конфликтот и се согласи со Трамп дека долгорочно решение може да се постигне преку мировни преговори – рече Песков.
Според него, Путин се залагал за елиминирање на основните причини за конфликтот во Украина.
Песков додаде дека двајцата лидери разговарале и за размена на руски и американски граѓани.
„Вашингтон гарантираше спроведување на постигнатите договори, а Трамп му се заблагодари на Путин за ослободувањето на Марк Фогел“, додаде портпаролот на Кремљ.