Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со милионски инвестиции во Македонија

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во 2024 година инвестираше 151 милион евра во 13 проекти во Северна Македонија, насочени кон економскиот и одржливиот раст на земјата. Од оваа сума, 70 милиони евра се наменети за зелени проекти, кои вклучуваат поддршка на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и напорите за декарбонизација. Инвестициите ја рефлектираат заложбата на Банката за унапредување на транзицијата кон поодржлива, поотпорна и инклузивна економија.

– Навистина е инспиративно да се видат резултатите од имплементирањето на зелената транзиција во земјата, зајакнувањето на инфраструктурата и проширувањето на финансиските можности за деловниот сектор, но и за поединците. Овие резултати ја рефлектираат успешната соработка што ја изградивме со локалните партнери, донаторите и приватниот сектор, сите насочени кон промовирање на одржлив економски раст. Би сакал да нагласам дека инвестициите во локалните бизниси не се само за економски развој, туку и за создавање можности кои ги охрабруваат луѓето да ја градат својата иднина дома. Овие инвестиции имаат потенцијал да го забават, па дури и да го запрат, одливот на луѓе кои бараат можности на друго место. На почетокот на 2025 година, останувам оптимист дека овој моментум ќе се задржи и дека ќе постигнеме и испорачаме резултати кои ќе имаат уште поголемо влијание врз економијата – изјави Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија.

Во рамките на најзначајните проекти во земјата, ЕБОР одобри 98,6 милиони евра за НОМАГАС, за изградба на гасоводната интерконекција со Грција и два регионални гасовода, кои ќе овозможат поголема енергетска сигурност, намалување на загадувањето на воздухот и емисиите на стакленички гасови, како и забрзување на активностите за напуштање на јагленот. Дополнително, 24,6 милиони евра беа инвестирани во МЕПСО за зајакнување на мрежата за пренос на електрична енергија во југоисточниот регион на земјата, што ќе овозможи поврзување на нови 1.170 MW обновливи извори на енергија.

Банката исто така одобри директно финансирање за локалниот трговец КАМ во висина од шест милиони евра, за проширување на продажната мрежа и модернизација на логистичкиот центар, со што ќе се зголеми енергетската ефикасност и ќе се подобрат оперативните процеси. Долгогодишниот клиент на ЕБОР, Макпрогрес, доби поддршка преку Програмата за споделување на ризик, во соработка со Шпаркасе банка, во износ од два милиони евра. Овие средства се наменети за поддршка на растот на компанијата и унапредување на мултидисциплинарниот образовен центар, кој обезбедува признати сертификати и акредитирани обуки за работната сила во региони каде што вакви програми не се достапни.

ЕБОР во текот на 2024 година поддржа над 1.000 претприемачи преку различни иницијативи, конференции и дигитални активности, како и преку специјализирани обуки за малите и средните претпријатија во областа на набавките во синџирот на снабдување и примената на вештачка интелигенција. Банката, исто така, активно се вклучи во имплементацијата на активностите финансирани од ЕУ во рамките на Програмата за структурни реформи, кои имаат за цел зголемување на конкурентноста на приватниот сектор во Западен Балкан и имплементација на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за регионот.

– Во 2024 година, Европската банка за обнова и развој инвестираше 16,6 милијарди евра во земјите каде што има резидентни канцеларии, што е зголемување од 26% во однос на претходната година. Горди сме што успеавме да ги прошириме нашите активности, а особено што во регионот на Западен Балкан досега имаме инвестирано 1,6 милијарди евра, мобилизирајќи дополнителни 500 милиони евра од други инвеститори. Рекордни 62% од овие средства се вложени во зелени проекти, а 50% од сите проекти имаат компонента на родова еднаквост – истакна Туркменоглу.

Досега, ЕБОР има инвестирано 2,9 милијарди евра во Македонија, реализирајќи 197 проекти во различни сектори. Банката останува посветена на поддршката на економскиот развој на земјата преку финансирање на иновативни, зелени и одржливи проекти, кои ќе ја унапредат конкурентноста и ќе создадат подобри услови за живот и работа во земјата.

Share This Article