Индија соработува со новата администрација на Доналд Трамп да врати 18.000 нелегални индиски имигранти од САД, откако претседателот потпиша итна уредба за депортација на нелегални имигранти, објави „Блумберг“.
Владите на САД и Индија идентификувале 18.000 индиски државјани кои нелегално престојуваат во земјата и кои треба да бидат вратени во Индија. Сепак, точниот број на индиски нелегални имигранти се проценува дека е многу поголем.
Во понеделникот, откако беше инаугуриран за претседател на САД, Трамп прогласи вонредна состојба поради нелегалната имиграција. Тој нареди Пентагон да обезбеди поддршка за изградба на ѕид на границата со Мексико, објекти за притвор и за транспорт на мигранти и му даде овластувања на министерот за одбрана по потреба да распоредува војска на границата.
Индија се надева дека соработката со администрацијата на Трамп ќе ги заштити легалните канали за миграција на индиски државјани за влез во САД, како што се студентските визи и програмата Х-1Б.
Неуспехот да се реши прашањето за нелегалните мигранти може негативно да влијае на договорите за труд и за мобилност на Индија со други нации, објави „Блумберг“, повикувајќи се на свои извори.
Според извештај на „Пју рисрч“ (Pew research) од 2024 година, Индијците се трета најголема група на нелегални имигранти во САД, по Мексико и Ел Салвадор и бројат околу 725.000.
Податоциte од Американската служба за царина и гранична заштита покажуваат дека бројот на нелегални индиски имигранти во САД расте. Нелегалните преминувања нагло се зголемија на помалку фреквентната северна граница на САД, каде што Индијците сочинуваат речиси една четвртина од сите преминувања и се најголема група на нелегални мигранти пресретнати таму.