Борбата дома е борба којашто ние ќе ја водиме, борба за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија и тоа го правиме откако сме избрани како Влада, но таа борба за еден од најмалубројните народи во Европа, не е доволна. Треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои.
Ова го напиша премиерот Христијан Мицкоски денеска на неговиот Фејсбук профил.
„Затоа е многу важна врската којашто ја има татковината со Македонците надвор, да продолжи да се засили да биде уште посилна и да биде на повисоко ниво. Затоа сакам да ве убедам и покрај сите предизвици дома и покрај сите предатори коишто не сакаат Македонија да биде успешна и да успее и внатрешни и надворешни, оваа Влада, оваа генерација ќе ги потврди Илинденските идеали и ќе го продолжи делото на Илинденците за суверена, независна и демократска Македонија којашто ќе биде најбогата на Балканот“, порача премиерот Мицкоски, кој е во посета на САД.
Претходно тој објави дека ја посетил црквата „Св. Никола“ во Њу Џерси.
– Мојот приоритет е да ја одржиме врската со Македонците ширум светот. Освен посветеноста, работливоста, наша заедничка приказна е и заветот и желбата да обезбедиме иднина на нашата заедничка татковина Македонија“, напиша Мицкоски на Фејсбук.