Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против сопственикот и управителот на Друштвото за консултантски услуги „Алтера Консалтинг“ ДООЕЛ Скопје, А.Б.Г., како и против самото правно лице, поради основано сомнение за извршување на кривично дело поврзано со данок на додадена вредност (ДДВ).
Според Управата, А.Б.Г. од 3 август 2021 година, со цел да оствари противправна имотна корист за себе и за фирмата, не ги исполнил своите обврски утврдени со Законот за ДДВ. Имено, пријавената даночна обврска во износ од 11.004.500 денари, која била должна да се уплати во рок од 15 дена по приемот на решенијата за утврдување на данокот, не била платена.
„Со ова постапување, осомничениот ја присвоил сумата за лична и деловна корист, оштетувајќи го Буџетот на Република Северна Македонија за над 11 милиони денари“, соопштија од Управата за финансиска полиција.
Од Финансиската полиција истакнаа дека ќе продолжат со активности за спречување на злоупотребите кои предизвикуваат значителна штета врз државниот буџет.