Македонската ракометна репрезентација денеска ќе го започне настапот во главната рунда на Светското првенство 2025, каде што за противник ја има Австрија – тим што поврзува интересна симболика со нашата репрезентација. Австрија е последната европска селекција што македонските ракометари ја совладале на еден Мундијал, и тоа на Светското првенство во 2015 година во Катар.
Во тој дуел, одигран во рамки на групната фаза, Македонија триумфираше со 36-31. Кире Лазаров беше најдобар стрелец со девет гола, додека Миркуловски постигна шест, а Гоце Георгиевски четири. По тој успех, нашата репрезентација го заврши настапот во Катар со пораз во нокаут-фазата од Словенија, што ја започна „црната серија“ на неуспеси против европски селекции на светските првенства.
Хронологија на настапите:
СП 2017 – Франција
Македонија забележа победи над Тунис и Ангола и реми со Исланд, но загуби од Шпанија, Словенија и Норвешка во осминафиналето.
СП 2019 – Германија
Предводена од Раул Гонзалес, репрезентацијата славеше над Јапонија и Бахреин, но беше поразена од Шпанија, Исланд и Хрватска, како и од Русија во Президент купот.
СП 2021 – Египет
Единствената победа беше против Чиле, додека порази беа запишани од Шведска, Египет, Словенија, Русија и Белорусија.
СП 2023 – Краков
Македонија загуби во групната фаза од Холандија, Норвешка и Аргентина. Во Президент купот ги победи Алжир, Мароко и Јужна Кореја, но беше поразена од Тунис.
Во изминатите десет години, нашите ракометари имаат само две ремија против европски селекции – со Исланд во 2017 и со Унгарија годинава. Денешниот дуел со Австрија претставува можност за прекин на оваа долга низа на неуспеси против европските ривали.
Селекторот Кире Лазаров е задоволен по добрите игри од групната фаза во која Македонија запиша реми, победа и пораз, но и предупредува дека овој состав има многу слаби страни, за кои ќе биде добро ракометарите да бидат свесни, а противниците да не ги откријат.
– Среќни сме и задоволни што одигравме квалитетна прва фаза и се пласиравме во главната ринда каде не очекуваат нови три натпревари против Австрија, Катар и Франција. Размислувавме и анализиравме, треба да бидеме задоволни, но исто време треба да бидеме свесни дека имаме наши слаби страни кои што ние ги знаме. Колку противникот поспоро ги открие толку ќе биде подобро за нас. Како што поминува првенството, доаѓаат уште посериозни репрезентации кои знаат што сакаат во секој момент од мечот. Малку сум претпазлив. Како одите понапред патот е потежок. Од друга страна сме здоволни се направи добра атмосфера, добра кохезија, најважно е што се боревме, го дадовме максимумот. Можеби нашата борба заедно со нашите навивачи ги прикри тие наши слабости. Сакам да кажам дека има уште резерви, дали истите ќе успееме да ги подобриме ќе видиме – изјави Лазаров пред дуелот со Австрија.
Нашито селектор е претпазлив и покрај тоа што Австрија во составот ќе ги нема тројцата најдобри ракометари. Вели дека имаат систем кој одлично функционира во секој дел од мечот.
– Австрија е репрезентација која знае што сака во секој дел од мечот. Двајца важни играчи им повредени, што пак секако е плус за нас, ќе пробаме тоа да го искористиме. Но, без разлика на се, нивниот систем функционира во сите фази на ракометната игра и затоа сме доста претпазливи, се надевам дека подготвени ќе го дочекаме мечот. Ќе биде тешко, исцрпно…Мора да бидеме физички и ментално спремни, треба да го одработиме мечот квалитетно – коментира Лазаров.
Австрија пренесува два бода од првата фаза наспроти еден бод со кој Македонија влегува во овој дел од мундијалот, но селекторот Алеш Пајович со голем респект гледа на нашата национална селекција.
– Ја почитувам Македонија, тоа е репрезентација што се бори, што игра со срце и со карактер, исто како и моите момци. Знаеме дека нема да ни биде лесно, Македонците играат многу преку пивот, ќе мораме да бидеме внимателни од тој аспект. Ќе имаат и поддршка од трибините, видовме како тоа изгледаше во првата фаза, но ние мораме да останеме „кул“ и да ја играме нашата игра – изјави Пајович.
Словенецот на клупата на австриската репрезентација се соочи со огромни проблеми поради неиграњето на Билик и Божовиќ, а згора на тоа во второто коло од овој мундијал остана и без Живковиќ.
Дуелот меѓу Македонија и Австрија е закажан со почеток во 15:30 часот во салата во Вараждин, каде нашите ракометари ги одиграат трите натпревари од групата Д.