Израелскиот крајнодесничарски министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир поднесе оставка во знак на протест против прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, објавија денеска израелските медиуми.
Екстремно десничарската, ултра-националистичка партија Оцма Јехудит (Еврејска моќ) на Бен-Гвир, која има 6 места во 120-члениот Кнесет, ќе ја напушти владината коалиција, според извештаите.
Бен-Гвир долго време изразуваше отпор против договорот за прекин на огнот со Хамас, заканувајќи се дека ќе излезе од владата.
Десничарската верска влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху со 62 места и натаму ќе има тенко мнозинство во парламентот и покрај излегувањето на Оцма Јехудит.
Премиерот би го изгубил своето мнозинство, доколку министерот за финансии Безалел Смотрич, кој исто така гласно се спротистави на прекинот на огнот, го следи примерот на Бен-Гвир. Неговата партија Религиозен ционизам има 7 места во Кнесетот.
Опозицискиот лидер Јаир Лапид најави дека во таков случај би бил подготвен да му обезбеди „заштитна мрежа“ на Нетанјаху во парламентот за договор за заложниците.