„Велика Британија е членка на НАТО, а проширувањето на нејзината воена инфраструктура кон границите на Русија несомнено предизвикува сериозна загриженост“.
Ова го изјави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, објави Ројтерс.
Претходно, британската влада најави дека ќе ја разгледа можноста за распоредување одбранбена инфраструктура, вклучително и воени бази, во Украина како дел од 100-годишниот договор за партнерство со оваа земја.
Кремљ ја осуди и точката на договорот за соработка меѓу Велика Британија и Украина во Азовското Море бидејќи го смета за внатрешно море на Русија.
– Го оценуваме (договорот) негативно. Ова навистина е внатрешното море на Русија. Тешко дека може да се зборува за соработка меѓу Украина и Велика Британија во таа област – изјави Песков за новинарите.
Според договорот, Велика Британија и Украина имаат намера да ја продлабочат воената соработка, наводно за да ја „зајакнат безбедноста“ во Црното, Азовското и во Балтичкото Море. Договорот предвидува и дека Велика Британија ќе стане „префериран партнер“ на Украина во енергетскиот сектор, стратегиите за критичните минерали и во производството на зелен челик.
Портпаролот на рускиот претседател се осврна и на претстојната администрација на САД.
– Не може да има суштински промени во политиката на санкции на САД против Русија за време на мандатот на Доналд Трамп – додаде Песков.
Претходно, кандидатот за министер за финансии на САД, Скот Бесант, предложи заострување на антируските санкции во енергетскиот сектор со цел „да се принуди Русија да седне на преговарачката маса“.
Портпаролот на Кремљ рече и дека рускиот претседател, Владимир Путин, ужива огромна поддршка од населението што е под влијание на успесите на Русија на фронтот.
Тој потсети на резултатите од анкетата на ВЦИОМ, според кои повеќе од 78% од граѓаните му веруваат на Путин. Песков додаде дека целата земја очекува успех на фронтот.
– Ова е многу важен фактор што влијае на ентузијазмот и на еланот на нашите граѓани – рече Песков.