Синдикатот на УПОЗ најави штрајк на вработените од 6 министерства и од Државниот завод за статистика на 14 јануари иако на овој штрајк досега не му претходеле никакви преговори со Владата во врска со нивните барања.
Синдикатот денеска излезе со најава за штрајк и со барање вработените во администрацијата да добијат дури за 30% повисоки плати.
Синдикатот повика да се почне со штрајк како прва мерка. Нивното барање за покачување на платите не е предвидено ниту со закон, ниту со колективен договор. Затоа, оваа нивна постапка, упатени извори, ја толкуваат како директна уцена за решение надвор од законот и рекетарско однесување на ССМ и на УПОЗ кон Владата.
Постапките на ССМ и претходно во јавноста беа поврзувани со агендата на ДУИ, Левица и на СДСМ, а синдикалните лидери, како што се зборува, имаат повеќе од 1.000 евра плата и додатни бенефиции, па се однесуваат како монарси.
Владата веќе ги покачи платите на просветните работници, на докторите и на здравствениот персонал.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, денеска рече дека во понеделник официјално ќе биде објавено кој сѐ ќе учествува на протестот.
– Засега има шест министерства кои ќе излезат на протест, односно Министерство за култура, Министерство за животна средина, Министерство за европски прашања, Министерство за дигитална трансформација, Министерство за транспорт и врски, Министерство за економија и труд, како и вработените во Државниот завод за статистика. Барањата се потпишување колективен договор, со којшто вработените ќе имаат 30 проценти додаток на плата – изјави Деаноски.