Словачката влада игра многу опасна игра критикувајќи ја воената поддршка на Западот за Украина и приближувајќи се кон Русија, смета украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во интервју за полските медиуми тој изјави:
– Тие (словачките лидери) ќе продолжат да го прават тоа додека војната не стигне до нивните домови.
Изјавите на Зеленски доаѓаат во време на растечки спор меѓу Украина и Словачка откако словачкиот премиер Роберт Фицо му се закани на Киев со последици за неговата одлука да го запре транзитот на руски гас во ЕУ, пренесува Србија Данас.
Зеленски се присети на разговорот со словачкиот премиер за време на состанокот на европските лидери.
– Му реков: Пукаа во тебе. Зошто не им прости? Зошто го уапси тоа лице што те повреди? – рече Зеленски, правејќи паралела помеѓу руската инвазија на Украина и обидот за атентат врз словачкиот премиер кој се случи минатата година.
Фицо беше тешко повреден откако беше застрелан во словачкиот град Хандлови на 15 мај 2024 година, по состанок на владата. Словачките власти соопштија дека нападот бил политички мотивиран. Осомничениот, 71-годишниот писател Јурај Цинтула, е притворен и го чека судењето.
– Го потсетив на тоа и му кажав дека сите ние, без разлика на вашите позиции, го осудуваме таквиот потег затоа што е застрелан жив човек. А тоа е Путин. Тој е истиот. Пука во живи луѓе, иако го прави тоа со туѓи раце – заклучи Зеленски.
Фицо важи за критичар на воената помош за Украина и на западните санкции кон Русија. Денови откако Зеленски се закани дека ќе го сопре транзитот на руски гас за Европа преку Украина, Фицо го посети Путин во Москва за да обезбеди гас за Словачка преку Турција.
Во јануари Украина го сопре транзитот и го нападна гасоводот Турски тек со дронови започнувајќи своевиден „енергетски фронт“ во војната.