Американскиот претседател Доналд Трамп му порача на Киев да најде друг човек што ќе преговара за завршување на војната, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, 20 октомври, патува во Осло во обид да ги поправи односите со Вашингтон.
Во исто време, Трамп изрази подготвеност за трилатерална средба со претседателот на Русија Владимир Путин и кинескиот претседател Шји Џјинпинг, што дополнително ја нагласува дипломатската неизвесност за Украина.
Новата порака од Белата куќа доаѓа по две недели влошување на односите меѓу Трамп и Зеленски, проследено со американски критики кон Киев, поплаки за ограничена воена поддршка и приближување на Вашингтон кон Москва.
– Мислам дека е време некој друг да преговара во име на Украина – изјави Трамп пред новинарите.
На прашањето дали би преговарал за завршување на војната без Зеленски, американскиот претседател одговори дека е подготвен да направи сè што може за да се стави крај на конфликтот, без оглед на присуството на украинскиот лидер.
Трамп во понеделникот оцени дека Русија била коректна во односите со Украина, додека Зеленски, според него, не придонесува доволно за мировно решение.
– Зеленски навистина не помага во решавањето на ситуацијата – рече Трамп.
Американскиот претседател дополнително го обвини Киев дека не возвратил за досегашната помош од САД.
– Ѝ дадовме многу на Украина. Тие нам не ни дадоа ништо. Запомнете го тоа – изјави Трамп во Вашингтон, пренесе ДПА.
Додека од Вашингтон пристигнуваат вакви пораки, Зеленски се обидува да ја зачува американската поддршка преку нова дипломатска иницијатива.
Украинскиот претседател денеска треба да се сретне во Осло со специјалниот американски претставник Стив Виткоф, кој заедно со Џаред Кушнер, зетот на Трамп, учествува во американските мировни напори.
На разговорите ќе присуствуваат и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе и финскиот претседател Александар Стаб, додека Кушнер треба да се вклучи виртуелно.
Сторе изјави дека целта е дипломатските напори да се насочат кон поконструктивен пат.
Стаб најави разговори за руската инвазија врз Украина и пошироката европска безбедност.
Средбата се одржува во момент кога западноевропските држави се обидуваат да спречат дополнително продлабочување на јазот меѓу Вашингтон и Киев.
Европските сојузници сметаат дека украинската одбрана е суштинска за безбедноста на континентот, но остануваат зависни од американската воена технологија и разузнавачки капацитети.
Дополнителен проблем во односите е снабдувањето на Украина со американско оружје.
Според „Аксиос“, Зеленски на виртуелна средба со американски сенатори од двете партии се пожалил дека Вашингтон ја задржува испораката на ракети за противвоздушна одбрана.
Украинскиот претседател тврдел дека американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет одбивал да ги одобри испораките на ракети за системите „Патриот“ и други проектили, иако земјите од НАТО веќе ги платиле.
– Сето ова укажува на тоа дека е донесена некаква политичка одлука да се забави поддршката за нас – им рекол Зеленски на сенаторите, според транскриптот што го пренесува порталот.
„Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, објави дека ограничувањата влијаеле и врз испораките од други украински партнери за кои било потребно американско одобрение.
Сепак, висок претставник на американското Министерство за одбрана ги оспори ваквите информации. Тој за ДПА изјави дека нема промени во програмата преку која членките на НАТО купуваат американско оружје за Украина, ниту во споделувањето разузнавачки информации.
Зеленски претходно разговарал и со американскиот државен секретар Марко Рубио за пресретнувањето балистички ракети, раното предупредување за руски напади и проблемите со сателитските системи „Старлинк“ и „Старшилд“.
Киев тврди дека Вашингтон неодамна не ја информирал Украина навремено за одредени руски ракетни лансирања и дека биле ограничени сателитски врски што се користат за управување со украински беспилотни летала.
– Сето ова се случува во контекст на нашите дипломатски напори да се стави крај на оваа ужасна војна и постојаното убивање луѓе – напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.
Паралелно со кризата во односите со Киев, Трамп изрази подготвеност за трилатерална средба со Путин и Шји Џјинпинг.
Разговорите би можеле да се одржат следниот месец во Кина, на маргините на самитот на Азиско-тихоокеанската економска соработка, АПЕК.
Според американскиот претседател, главната тема би биле нуклеарното оружје и нуклеарното разоружување.
– Би разговарале за нуклеарното оружје и нуклеарното разоружување. Ако претседателот Шји сака да се одржи средбата, би учествувал – изјави Трамп пред Белата куќа.
Кремљ претходно потврди дека се разгледувала можноста за ваква средба.
„Волстрит џурнал“ објави дека иницијативата потекнала од Путин, во контекст на напорите за завршување на војната во Украина.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
