Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците едногласно ги усвои извештаите за работата на Судскиот совет и за реализацијата на судскиот буџет во 2025 година и ги проследи во понатамошна собраниска процедура. Годинава, за првпат согласно новото законско решение, јавната расправа ја следеа и претставници на невладини организации од областа на правосудството и човековите права.
Претседателот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов, оцени дека вклучувањето на граѓанскиот сектор претставува дополнителен квалитет во работата на собраниското тело.
– За првпат, по новиот закон, имаме јавна расправа која ја следат невладини организации од областа на правосудството и човековите права, и тоа е нов квалитет во работата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците – нагласи Пренџов.
Двата извештаја пред пратениците ги презентираше претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, кој се осврна на приходите и расходите во судството, но и на проблемите со човечките ресурси.
Податоците покажуваат значителен недостаток од судии и судски службеници. Од предвидените 639 судиски места, до крајот на 2025 година биле пополнети 418, односно околу 65 проценти. Тоа значи дека во судовите останале непополнети 221 судиско место.
Уште поизразен е кадровскиот недостаток во судската служба. Од систематизираните 4.751 работно место, пополнети биле само 1.803, односно 37,95 проценти. Според овие податоци, судовите работеле со 2.948 непополнети места за службеници.
Камбовски нагласи дека човечките ресурси се клучни за функционирањето, независноста и ефикасноста на судската власт, како и за довербата на граѓаните во правосудниот систем.
– Човечките капацитети се најважниот ресурс со кој располага секоја судска власт – истакна Камбовски, додавајќи дека обезбедувањето соодветни услови за работа на судиите е еден од приоритетите на Судскиот буџетски совет.
Пратеникот Антонијо Милошоски оцени дека извештајот објективно ја прикажува потребата од дополнителни финансиски средства и човечки ресурси во судството.
– Се надевам дека Судскиот совет, заедно со другите судови во државата, ќе успее во конструктивна соработка со надлежните власти да се избори за подобар буџет – рече Милошоски.
Тој предложи обезбедувањето поголеми буџетски и кадровски капацитети да биде заедничка цел на пратениците и судските институции, за потоа од судовите да може да се бараат подобри резултати и поголема ефикасност.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
