Марк Закерберг, сопственикот на „Мета“, гостуваше на поткастот на Џо Роган каде што рекол дека неговата компанија била под огромен притисок од администрацијата на Бајден да ја отстрани содржината, поврзана со несаканите ефекти од вакцината за Ковид-19, објави порталот Аксиос.
На почетокот на тричасовниот разговор, Закерберг му рекол на Роган дека „генерално е за воведување вакцини“ и дека, ако го прашате него, тие се „повеќе корисни одошто штетни“.
– Но, мислам дека додека тие се обидуваа да ја промовираат таа програма, тие се обидуваа и да го цензурираат секој што се спротивставуваше – рекол Закерберг.
Закерберг се појави кај Роган само неколку дена откако „Мета“ објави дека повеќе нема да користи трети страни за проверка на содржината, објавена на нејзините популарни апликации, туку наместо тоа ќе се потпира на белешките од заедницата, дозволувајќи им на корисниците да додаваат коментари за вистинитоста. Оваа стратегија ја прави „Мета“ послична на платформата Икс, чијшто сопственик Илон Маск стана еден од најблиските луѓе на новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, и беше еден од главните донатори на неговата кампања.
Тоа е, исто така, последниот во низата потези и изјави на Закерберг кои, по изборната победа на Трамп, се чини дека се обиди да му се приближи на новиот претседател. Минатата недела „Мета“ го замени својот претседател за глобални прашања, Ник Клег, со Џоел Каплан, актуелен потпретседател за политика на компанијата и поранешен вработен во Републиканската партија.
„Мета“ е една од неколкуте големи технолошки компании кои објавија дека донирале 1 милион долари за инаугурацијата на Трамп.
Закерберг го критикуваше управувањето на администрацијата на Бајден со содржината поврзана со Ковид-19 во минатото.
Во писмото до Одборот за правосудство на Претставничкиот дом, предводен од Републиканците во август, Закерберг рече дека администрацијата ѝ „вршела притисок“ на „Мета“ да ја „цензурира“ содржината за Ковид-19, додавајќи дека жали за некои од одлуките што компанијата ги донела како одговор на тие барања. Тој објаснил дека процесот на проверка на фактите на неговата компанија бил „нешто од 1984 година“ и довел до широко верување дека проверувачите на факти, што ги вработува неговата компанија, „биле премногу пристрасни“.
– Станува збор за лизгава патека и ова штотуку дојде до точка во која се намалува толку големата доверба, особено во САД – додал Закерберг.
Тој рекол дека бил загрижен од самиот почеток „да стане ваков вид одлучувач за тоа што е вистина во светот“.
– Тие силно нè притискаа да ги отстраниме работите кои, искрено, беа вистинити. Тие ни рекоа дека мораме да отстраниме сè што споменува дека вакцините може да имаат несакани ефекти – му рекол Закерберг на Роган.
Закерберг не прецизираше кој во Белата куќа ги упатил овие барања, признавајќи дека „не бил директно вклучен во овие разговори“. Сепак, тој рече дека одговорот на компанијата е дека нема да ја отстрани содржината што е „непобитно вистинита“.
Тој ја пофали програмата „белешки на заедницата“ (community notes) на Икс како супериорна во однос на моделот на Фејсбук.
Тука можете да го погледнете видеото од гостувањето на Марк Закерберг на поткастот на Џо Роган.