Вучиќ: Косово е најтешкото прашање во мојата кариера; изминатите две години беа меѓу најтешките поради „обоена револуција“
Во авторскиот текст насловен „Моите 30 години во политиката“, српскиот претседател и носител на изборната листа „Обединета Србија“, Александар Вучиќ, изјави дека Косово и Метохија претставуваат најтешкото прашање со кое се соочил, додека последните две години ги опиша како „меѓу најтешките во неговиот политички живот“ поради она што го нарече „обид за обоена револуција и хибридна војна против Србија“.
„Со години слушав што наводно треба да направи Србија – што треба да прифати, од што треба да се откаже, што треба да потпише. Се трудев да го зачувам мирот, но подеднакво силно се трудев никогаш да не ја понижам Србија. Се соочивме со притисоци во врска со Сребреница. Се справувавме со војната во Украина и со притисокот за воведување санкции кон Русија. Го имавме прашањето за Косово и безброј барања што доаѓаа однадвор“, напиша Вучиќ во денешното издание на весникот „Блиц“.
Тој тврди дека во тие ситуации секогаш се прашувал што ќе добие Србија, а не што би добил тој лично или неговата партија.
Зборувајќи за она што го нарекува „обиди за обоена револуција и хибридна војна против Србија“, Вучиќ призна дека другите можеби не се согласуваат и дека имаат право да размислуваат поинаку. „Но, јас знам што видов. Видов како повторувањето на една лага илјада пати е доволно некои луѓе да почнат да ја доживуваат како факт. Видов колку е тешко да се одговори кога емоциите ќе ги заменат фактите. И колку е важно државата да остане смирена во такви моменти. Мојата должност беше да го зачувам мирот – да осигурам Србин да не тргне против Србин, институциите да продолжат да функционираат и, на крајот, граѓаните на избори да одлучат кој ќе ја води Србија“, рече Вучиќ.
Осврнувајќи се на своите политички почетоци, тој истакна дека се приклучил кон Српската радикална партија (СРС) во 1993 година, на 23-годишна возраст, додавајќи дека бил „млад, бескрајно упорен, честопати бескомпромисен и секако правел грешки“. „Никогаш не бегав од сопствените грешки. Во 1998 година станав министер за информирање. Денес, речиси три децении подоцна, можам да зборувам за тој период многу поспокојно отколку тогаш. Не сметам дека сѐ направив како што треба. Напротив. Има многу работи што денес би ги направил поинаку“, изјави тој.
Според него, човек што не променил ниту еден свој став во текот на 30 години, или ништо не научил, или не размислил доволно за своите постапки.
Тој оцени дека веројатно е еден од ретките политичари во Србија – ако не и единствениот од својата генерација – кој поминал, како што рече, речиси еднакво време на власт и во опозиција, додавајќи дека добро знае што подразбираат и двете улоги.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
