Земји од регионот како што се Грција и Бугарија забрзано ја развиваат рударската индустрија, додека Македонија далеку побавно фаќа чекор со светските трендови и трката за критичните минерални суровини. Наспроти заложбите за остварување енергетска независност, најголемиот рударски потенцијал кај нас, рудникот за бакар „Иловица – Штука“ чија вредност во моментов се проценува на неколку милијарди долари, останува неискористен. Најавите за инвестиции во рудници наидуваат на сериозни пречки – како од дел од активистите, така и поради правно-административни бариери.
Сега во јавноста актуелен е проектот за ископ на антимон кај Крива Паланка, но претходно жестоко беа критикувани инвестиции што не се остварија, како оние за експлоатација на бакар во Кожуф и кај Казандол. Последно на мета беше инвестицијата за ископ на бакар во Иловица, иако во меѓувреме беа усвоени и законски измени за забрана за користење на цијанид, а инвеститорот канадската компанија Еуромакс Ресоурцес најави дека ќе користи метод на флотација. Флотацијата како метод е сѐ повеќе популарен во околните земји кај современите рударски комплекси, а ќе биде користен и во новиот рудник за злато и сребро со отворен коп „Розино“, во близина на бугарскиот град Ивајловград.
Геологот и инженер Даниел Маринов, кој ги вршел геолошките истражувања кај Розино, вели дека методот на флотација е апсолутно еколошки усогласен и безопасен. Според него, проектот за рудник добива поддршка од локалното население, зашто во близина постои друг рудник за бакар кој претставува пример и каде не се оствариле страшните закани што ги ширеле активистите.
– Јавните расправи во селата и во Ивајловград минааа доста успешно, секако имаше и некои против, но најголемиот дел од локалното население се „за“ проектот. Освен што на луѓето им појаснувавме постојано каков е проектот и дека е безопасен и без загадувања, големата предност што ја имавме е што во нашето соседство, на 40 километри од Розино се наоѓа активниот рудник „Ада тепе“ кај Крумовград. Тој рудник е еден пример за модерен ископ на бакар, еколошки прифатлив, апсолутно современ, па луѓето гледаат дека сите тие катастрофични стравувања кои постоеја кај најразлични организации и недобронамерници, всушност не се остварија. Жителите подобро заживееја, младите луѓе се вратија, градот процвета, а сега и граѓаните на Ивајловград сакаат и кај нив тоа да се случи, зашто гледаат жив пример – истакна во радио гостување геологот Маринов.
Според него, државните власти треба да имаат желба да го потмогнат развојот на рударската индустрија и тој очекува со новата стабилна влада во Бугарија тоа да се случи, зашто бизнисот треба да има перспектива. Инженерот нагласува дека не може да се очекуваат инвестиции ако процедурите одземаат години, бидејќи на тој начин инвеститорите ќе отидат во други држави, особено скандинавските, каде дозволите се издаваат многу побрзо.
– Од регионот добар пример е Грција. До пред пет-десет години во Грција имаше голема опозиција против геолошките истражувања и ископ на металични минерални суровини, но во последните години, недалеку од Солун веќе се експлоатира наоѓалиште на бакар и злато и грчките власти дадоа огромни стимули. Владата учествува исто и со кредит за оваа компанија, за да се разработи наоѓалиштето. Нашето „Розино“ пак веќе станува дел од овие стратешки објекти кои се важни за националната независност од гледна точка на ресурси – додава Маринов, кој појасни дека проектот има позитивна Студија за оценка за влијание за животната средина и сега единствено се чека на дозволата за експлоатација.
Тој додаде дека секаде каде што има рударска индустрија има и други големи инвестиции, подобрување на здравствените услуги, образованието, културата, развој на целосниот животен циклус, како и нови работни места.
– Првичната инвестиција во капитал, за започнување со работа, изнесува околу 250 милиони евра. Потоа, за време на изградбата која би траела околу две години, предвидено е да има од 1.000 до 1.200 директни вработувања, но за време на експлоатацијата којашто засега е предвидено да трае десет години, ќе бидат постојано вработени околу 250 до 300 луѓе, но индиректно ќе се многу повеќе. Вообичано кај ваквите рударски проекти се множи по четири, за да се разбере какво ќе е влијанието врз работната сила. Освен тоа, инвеститорот за локалното население предвидува и Фонд за помош на малите и средните претпријатија во општината, за бизнисите кои немаат никаква поврзаност со рударскиот комплекс – дополни геологот.
Сепак, во Македонија можностите што ги носи оваа индустрија се пропуштаат и проектот во Иловица не стартува иако станува збор за почетна инвестиција од 340 милиони евра, што доведува до зголемување на БДП за 3% на годишно ниво и е со просечна вредност на извоз од околу 180 милиони евра на годишно ниво. Дополнително, македонскиот извоз би се зголемил за околу 4% што ќе значи намалување на трговскиот дефицит за 10%, а ќе се плаќаат даноци во вредност од 24 милиони евра годишно, од кои 3 милиони евра годишно ќе се влеваат директно во буџетите на локалните самоуправи. Исто така, беа предвидени 1.000 директни вработувања во текот на изградбата и 500 директни вработувања во текот на работењето, а 2.700 индиректни вработувања како резултат на работата на рудникот.
Маринов додаде и дека секаде во Европа и земјите кои се приклучите на Директивите на ЕУ имаат високи стандарди за заштита на животната средина. Наскоро тоа се очекува да се случи и со најавените нови закони за рударство и за геологија кај нас. Инженерот оцени дека Европа се разбудила, усвојувајќи ја Директивата за критични минерални суровини, која вклучува листа со 34 елементи и целта е континентот да се обезбеди со метали и елементи кои се особено важни за батерии, електрични возила, полупроводници, центри за податоци, чипови и за во одбранбената индустрија.
Tagged as:
Вредноста на рудникот „Иловица Штука“ се проценува на неколку милијарди долари
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
