Министерот за надворешни работи на Норвешка, Еспен Барт Ајде вели дека земјата повторно го преиспитува својот однос со Европската Унија поради променетите глобални околности и растечкото влијание на политиките на САД и на Кина.
Во Норвешка сè повеќе расте притисокот, по двата неуспешни референдуми, да се покрене нова дебата за можното членство во европскиот блок.
Ајде наведе дека околностите значително се променети од 1994 година и дека ЕУ сега користи инструменти кои претходно не беа активни.
– Овој луд свет надвор, со она што се случува со Кина и со САД, ја принудува ЕУ да користи алатки од кутијата кои претходно не беа активни – изјави тој за Фајненшел тајмс, додавајќи дека станува збор за трговската политика и за царинската унија во која „не сакаат да бидат“.
Ајде наведе дека бенигниот свет, во кој беа одржани претходните референдуми во 1972 и во 1994 година е заменет со значително понестабилно глобално опкружување, поради што Норвешка мора пореално да го согледа својот однос со ЕУ.
– Рековме „не“ во 1972 година поради рибата и повторно во 1994 година, главно поради рибата и земјоделството – рече норвешкиот министер, со оценка дека тие прашања беа „толку контроверзни што уништија бракови и семејства, оставајќи ги Норвежаните со посттрауматско стресно растројство“.
Норвешка, иако е дел од единствениот европски пазар, останува надвор од ЕУ, а рибарството и земјоделството беа клучните причини за противење на членството. Морската храна е најголемиот извозен сектор на земјата по нафтата и гасот.
Шефот на норвешката дипломатија рече и дека норвешкото богатство од нафта и гас придонесува за чувството на економска независност, но додаде дека, доколку референдумот би бил утре, тој би гласал за ЕУ, со напомена дека тоа не значи дека е дојден моментот за негово распишување.
Иако дел од норвешкиот политички врв го поддржува членството, анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани и понатаму го отфрлаат влезот во ЕУ, поради што владејачката Лабуристичка партија не планира нов референдум во скоро време.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
