Илјадници жители и туристи денеска ги преплавија улиците во центарот на Мадрид, но главните ѕвезди беа 1.250 овци и 160 кози. Стадото продефилира низ шпанската престолнина во рамките на 33. Фестивал на трансхуманцата, традиционалното сезонско преместување на добитокот од едни на други пасишта.
Годинава овците мораа да попуштат пред демонстрантите. Традиционалната рута беше променета бидејќи на плоштадот Пуерта дел Сол веќе со недели има камп со шатори на активисти кои протестираат поради станбената криза. Наместо преку Сол и кон плоштадот Сибелес, стадото беше пренасочено преку Плаза де ла Виља, Плаза Мајор, улицата Толедо и други улици во историскиот центар.
Протестниот камп на Сол беше поставен по иселувањето на 87-годишната Марија дел Кармен Абаскал, позната како Марикармен, од домот во кој живеела седум децении. Таа почина во болница набргу по иселувањето, а случајот дополнително ги засили протестите против високите кирии и станбената политика. Кампот на Сол веќе трае подолго од познатиот протест на движењето 15-М од 2011 година.
Парадата на овците во Мадрид, сепак, има многу постара приказна од денешниот сообраќаен спектакл. Градот лежи на старите сточарски патишта по кои стадата со векови се преместувале меѓу сезонските пасишта. На Плаза де ла Виља и годинава симболично биле платени „50 мараведи за илјада грла”, според договорот од 1418 година со кој било регулирано правото на стадата да минуваат низ Мадрид. Современата манифестација се одржува од 1994 година.
Организаторите со фестивалот потсетуваат дека трансхуманцата не е само фолклор. Пасењето помага во одржувањето на пасиштата, ширењето на семињата и расчистувањето на сувата вегетација што може да биде гориво за шумските пожари. Традицијата денес ја одржува релативно мал број сточари, но еднаш годишно нивните стада повторно го освојуваат центарот на Мадрид. Годинава, сепак, до Пуерта дел Сол не стигнаа – пред шаторите на демонстрантите, овците ја сменија маршрутата.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
