Во Либан е уапсен сириски државјанин поврзан со „Исламска држава“, кој според информациите од либанските безбедносни служби добил задача да подготви атентат врз папата Лав XIV за време на неговата посета на земјата во 2025 година.
Мажот бил приведен во областа Батрун, во северниот дел на Либан, по операција на разузнавачката служба на либанската армија и подолготрајно следење на неговите активности. Според информациите што ги пренесуваат повеќе медиуми, тој во Либан влегол нелегално и одржувал контакти со припадници и раководители на „Исламска држава“ во Сирија.
Според неговото сведочење пред истражителите, една од задачите што му биле дадени била подготовка на напад врз папата за време на неговиот тридневен престој во Либан.
Папата Лав XIV ја посети земјата од 30 ноември до 2 декември 2025 година, во рамките на неговото прво патување во странство по изборот за поглавар на Католичката црква. Посетата вклучуваше средби со највисоки државни и верски претставници, посети на верски места, средба со млади луѓе и света миса во Бејрут.
Либанските безбедносни извори тврдат дека осомничениот почнал да се подготвува за операцијата, но не успеал да премине во фазата на нејзино извршување. Според една верзија, немал доволно ресурси за реализација на планот, додека други извештаи наведуваат дека строгите безбедносни мерки за време на папската посета го спречиле да го реализира нападот.
Според либански медиуми, осомничениот на терен ги следел местата низ кои требало да поминува папата и се обидувал да најде пропуст во безбедносниот кордон. По апсењето, неговиот мобилен телефон бил одземен и бил предаден на Воениот суд, според извештаите.
Покрај наводниот план за напад врз папата, безбедносните извори тврдат дека осомничениот добивал и други задачи поврзани со дестабилизација на безбедноста во Либан и ширење страв меѓу населението.
Либанските безбедносни служби предупредуваат дека и понатаму постои ризик од присуство на припадници на „Исламска држава“ или други екстремистички групи во земјата, но велат дека ситуацијата е под контрола.
– Некои луѓе од „Исламска држава“ или од други групи со такви убедувања претставуваат заспани ќелии, но ние секогаш сме на штрек – изјавил безбедносен извор, пренесуваат медиумите.
По почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, Либан беше погоден од серија напади поврзани со екстремистички групи, меѓу кои самоубиствени бомбашки напади и напади со автомобили-бомби.
Иако „Исламска држава“ никогаш не воспоставила трајна територијална контрола во Либан, нејзини припадници и други екстремистички групи со години дејствувале долж границата со Сирија. Либанската армија во 2017 година спроведе операција против припадници на „Исламска држава“ и други вооружени групи во пограничниот регион.
Либанските власти во изминатите години уапсија повеќе лица осомничени дека се високи оперативци или членови на „Исламска држава“.
Во случајот со наводниот план за напад врз папата, истрагата продолжува, а информациите добиени од осомничениот треба да бидат споделени и со сириските власти, според објавените информации.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
