Во Истанбул претпладнево се сретнаа делегации од Русија и САД и почнаа втората рунда преговори за работата на нивните амбасади.
Средбата се одржува во Генералниот конзулат на Русија во Истанбул.
Руската делегација ја предводи амбасадорот во Вашингтон Александар Дарчиев, додека американската делегација ја предводи заменик потсекретарот за Русија и Централна Европа Соната Култер.
Средбата привлече големо внимание кај турските и странските медиуми.
Портпаролката на американскиот Стејт департмент Тами Брус рече дека вториот состанок во Истанбул ќе се фокусира на работата на амбасадата и дека безбедноста на Украина или какви било други политички или безбедносни прашања нема да бидат на дневен ред.
„Делегациите на САД и Русија ќе се сретнат по втор пат во Истанбул на 10 април за да се обидат да постигнат напредок во понатамошното стабилизирање на операциите на нашите билатерални мисии“, рече Брус во објавувањето на разговорите.
Првиот состанок делегациите го имаа во Истанбул на 27-ми февруари во резиденцијата на Генералниот конзулат на САД. Таа средба траеше шест и пол часа.
Турција останува посветена да придонесе за мирот и да биде домаќин на преговорите.